Претседавачот на ОБСЕ, шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, ја осуди употребата на сила во Украина и ги повика сите страни да покажат максимална воздржаност и да работат на постигнување одржливо примирје, соопшти ОБСЕ.
– Овој круг на насилство и ескалација на судири не смее да продолжи. Сите страни треба да се воздржат од воена реторика, застрашување и провокации, порача Дачиќ.
– Ги повикувам сите страни вклучени во судирот веднаш да ги вложат сите напори да ги смират тензиите, да го почитуваат примирјето и активно, заедно со ОБСЕ, да се вклучат во целосно спроведување на договорот од Минск, рече Дачиќ.
Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун изјави дека е неопходно по секоја цена да биде избегнато понатамошно влошување на ситуацијата во Украина, јави ТАСС.
– ОН се подготвени да поддржат напори насочени кон намалување на напнатоста и обновувањето на вистински мировен процес, што ќе доведе до обнова на стабилноста во земјата, се наведува во изјавата на Бан Ки-мун.