Лидерите на партиите победнички на парламентарните избори од 6 октомври во Косово, Движењето Самоопределување (ВВ) и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Албин Курти и Иса Мустафа, ќе се сретнат денеска во нов обид да постигнат договор за формирање на новата влада на Косово.
Косовските медиуми, повикувајќи се на извори од двете партии, објавија дека средбата е закажана за попладнево во 15.30 часот и ќе се одржи во просториите на Собранието на Косово.
Неименуван извор од ВВ за порталот Коха.нет изјави дека не може да се каже со сигурност дали денеска ќе има конечен договор за владина коалиција, но „изгледите се големи дека договор ќе се постигне, бидејќи се гледа оптимизам и во редовите на ЛДК“.
Ова ќе биде трета средба на Курти и Мустафа во последните неколку денови, откако преговорите беа прекинати по конститутивната седница на Собранието, на 26 декември, на која за парламентарен спикер беше избран Глаук Коњуфца од ВВ, наспроти претходните најави дека таа позиција ќе му припадне на ЛДК.
По вчерашната средба на лидерите, претставници на двете партии изјавија дека „има позитивен развој во правец на постигнување спогодба“.
Двете досега опозициски партии од порано објавија дека се договориле за програмата на идната заедничка влада, која ќе ја води Курти, меѓутоа до застој во преговорите дојде откако ЛДК истапи со барање да ја преземе функцијата претседател на државата, откако во април 2021 година ќе му заврши мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи.
На вонредните парламентарни избори на 6 октомври победи ВВ со освоени 26,27, додека ЛДК беше втор со 24,54 отсто од гласовите, така што во 120-членото Собрание партијата на Курти има 30, а онаа на Мустафа 28 пратеници.