Во Брисел веќе шест часа се водат тешки преговори во рамките на осмата рунда од дијалогот меѓу делегациите на Србија и Косово, предводени од премиерите Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, што се одржува со посредство на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Кетрин Ештон.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, од двата табори доаѓаат различни информации за текот на разговорите, но она што може да се потврди е дека Ештон постојано дава поддршка на делегацииите, со оглед на тоа што на моменти ситуацијата се вжештува и преговорите се водат на висок тон.
Според портпаролот на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Маја Коцијанчич, разговорите продолжуваат и не се знае кога ќе завршат. Таа изјави дека се очекува разговорите да завршат денеска со позитивен исход.
Шефот на српската канцеларија на Косово, Александар Вулин, попладнево изјави дека се водат многу тешки преговори чиј исход е неизвесен.
Она што досега е познато е дека шефот на европската дипломатија имаше одвоени средби со српскиот премиер Дачиќ и вицепремиерот Александар Вучиќ, како и со претседателот на Владата на Косово, Хашим Тачи и неговите тројца заменици.
Двајцата премиери и Ештон во досегашниот тек на разговорите се обидуваат да најдат решение за статусот на Северно Косово, каде мнозинско население се Србите.
– Во овие шест месеци колку што трае дијалогот меѓу Белград и Приштина, јас видов посветеност и одлучност на двете страни со цел постигнување договор. Им оддавам почит на владините и опозициските партии од двете страни што ги поддржаа премиерите и верувам дека денеска ќе дојдеме до договор. Иако тоа нема да биде лесно, верувам дека оние што се на преговарачка маса ќе го сторат тоа во духот на изнаоѓање решение во најдобар интерес на луѓето што ги претставуваат со цел подобра иднина за нив, истакна Ештон пред средбите, додавајќи дека „оваа можност не смее да се испушти“.
Од позитивниот исход на преговорите зависи дали Србија за две недели ќе добие позитивна препорака од Европската комисија за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Вчера, српскиот државен врв постигна договор денеска да не отстапат од предлогот за создавање на заедница на српски општини на северот на Косово со овластувања во судството и полицијата. Но, синоќа косовскиот премиер Тачи изјави дека Косово нема да поддржи предлог за големи овластувања на Србите од северот на земјата.
Како што најави шефицата на европската на дипломатија, денешните разговори во Брисел се последни и дали осмиот состанок ќе донесе конечно решение или крах на преговорите, единствено зависи од српските и косовските лидери.
Сепак, српската делегација инсистира дека е можно да има уште средби до објавуваето на извештајот на Комисијата на 16-ти овој месец, со цел земјата да „го фати последниот вагон“ за почеток на пристапните преговори.