Во истекување од нафтоводот кај Загреб нема повредени, а материјалната штета се уште е неутврдена, извести денеска загрепската полиција. Во петокот, помеѓу 15 минути по полноќ и 10:30 часот во Ругвица, во Јежево, од нафтоводот на компанијата „Ина“ од непозната причина истекла мешавина од нафта и вода.
„Дел од смесата нафта и вода се излеа во одводниот канал. Нафтоводот е затворен, а во тек е санација. Во инцидентот нема повредени, а материјалната штета се уште е неутврдена. Истрагата ќе продолжи по исполнување на условите“, се вели во полициското соопштение.
Вчера попладне „Ина“ објави дека утрото било забележано истекување на цевководот што го поврзува нафтеното поле Јежево со собирната станица, а во околината на бунарот се излеале околу четири кубни метри нафта. Протокот веднаш беше прекинат, а ситуацијата е под контрола и во тек е санација. Случајот го истражува и Државниот инспекторат – рударска инспекција,соопшти Инспекција за заштита на животната средина.