КФОР е целосно фокусиран на спроведување на својот мандат, со цел да продолжи да овозможува безбедна средина и слобода на движење за сите заедници во Косово и да ја поддржи имплементацијата на неодамнешниот аранжман Белград-Приштина за деескалација во северниот дел на Косово. Тоа е одговорот што го даде неименуван функционер од НАТО за српската агенција Бета, а како коментар на повикот на српската премиерка Ана Брнабиќ, упатен до меѓународната заедница, НАТО и КФОР веднаш да реагираат на „акцијата на косовската полиција против српското цивилно население во Косово“.
– Косовската полиција започна операција за спроведување на законот во Косово. Мисијата КФОР предводена од НАТО е во постојана комуникација со сите релевантни институции во Косово и меѓународната заедница и останува целосно фокусирана на секојдневното спроведување на својот мандат во ОН-согласно Резолуцијата 1244 од 1999 година на Советот за безбедност на ОН, а со цел да продолжи да обезбедува безбедна средина и слобода на движење за сите заедници што живеат во Косово, рече претставник на НАТО.
Истиот извор додава дека „КФОР, исто така, продолжува да го поддржува спроведувањето на неодамнешниот договор за деескалација и понатамошните чекори на северот на Косово, постигнати од Белград и Приштина во рамките на дијалогот со посредство на ЕУ“.
Денешната полициска акција се одржа во регионот на Приштина, Пеќ, Јужна Митровица и Северна Митровица, јави РТК.
Косовската полиција соопшти дека во оваа акција била запленета стока „шверцувана во износ од стотици илјади евра, која служи како материјален доказ, и која била на различни локации, деловни простории, магацини …“. Полицијата информира дека се уапсени осум лица.
Директорот на косовската полиција Сабедин Мехмети на прес -конференција рече дека за време на акцијата повредени се 10 полицајци, пренесува РТК.
Косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Швечља изјави дека акцијата на косовската полиција и царина против шверцот на стоки е дел од борбата на косовските власти против криумчарење и затајување данок.
– Оваа операција не е насочена против која било националност. Оваа операција е насочена против криминалци кои илегално криумчареле стока во Косово. Обвинителот во случајот е Србин, судијата на претходна постапка е Србин, припадниците на Единицата за брза реакција во Северна Митровица се претежно Срби, повеќето уапсени Албанци, повеќето барани Албанци, рече Швечља.