Во Мостар синоќа беше убиена 32-годишната Алдина Јахиќ. Ја застрела нејзиниот поранешен партнер Анис Калајџиќ, пишува Дневни аваз.
Бруталното убиство се случи додека таа одеше на тренинг. Се обиде да избега од автобуската станица и се засолни во тоалетот на блискиот ресторан, од каде што успеа да повика полиција. За жал, убиецот ја стигна и ја уби пред да пристигне помошта.
По извршувањето на злосторството, Калајџиќ, инаку долгогодишен фудбалски судија во Првата лига на БиХ, се обиде сам да си пресуди, но пиштолот се заглави. Полицијата набрзо пристигна на местото на настанот и го уапси.
Дежурната обвинителка на Обвинителството на Херцегованско-неретванскиот кантон, Весна Прањиќ изјави дека несреќната девојка претходно добивала закани од своето поранешно момче.
Таа не ги пријавила, веројатно мислејќи дека сè ќе заврши само со закани.
Бројни пријатели, роднини и познаници се збогуваат со убиената девојка на социјалните мрежи. Особено е трогателна објавата на нејзиниот поранешен ментор, економски аналитичар и федерален претставник Адмир Чавалиќ, кој се збогуваше со Алдина:
„Тешко е да се најдат зборови за нечија смрт. Уште потешко е ако таа личност била помлада од тебе, студент, личност која те нарекувала ментор. Од првите едукации, организирање настани, меѓународни патувања, читање на една, две, трета, педесетта книга, па сè до пишување заеднички научни трудови и глобални проекти.
Деценија работа и раст. Кога гледате како студентот учи, работи, се развива во силна личност. Таа личност беше Алдина Јахиќ, „филозофот“, како што ја нарекував. Вечерва, филозофот се обиде да избега од насилник, будала, некој безрбетник.
Но, без успех, куршумот беше побрз. Алдина можеше да организира настан за 1.000 луѓе, да напише десетици трудови, да зборува пред полна толпа надвор, течно да зборува англиски, да зборува за БиХ и да се шегува. Можеше да направи сè, така ја гледав. Но, таа не успеа да избега вечерва. Ајде, драг филозофе. Милост за босанската душа, искрено сочувство на Семејството Јахиќ“.
