Руското Министерство за надворешни работи ја отфрли изјавата на потпретседателката на Владата на Србија и министерка за енергетика Зорана Михајловиќ дека шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров со изјавате го злоупотребува тоа што Србија не воведе санкции за Русија, обидувајќи се да покаже дека Србија го поддржува рускиот напад врз Украина, иако Србија гласаше за резолуцијата на ОН, која ја осудува војната, јави дописникот на МИА од Белград.
За време на минатонеделната посета на министерот за внатрешни работи Александар Вулин на Москва, Лавров посочи дека Москва и Белград се доследно посветени на принципите на неделивост и еднаква безбедност на сите земји „како на Балканот така и во ситуацијата испровоцирана од Западот во Украина“.
Михајловиќ оцени дека на овој начин Лавров го злоупотребува тоа што Србија не воведе санкции кон Русија и дека со таквото однесување „иако зборува за пријателството на двете земји“, го покажува спротивното.
„Оценките и изјавите на руските функционери никому не му даваат причина и право да нè прекорува со инсинуации, обиди за „злоупотреба“ на традиционално пријателските, чесни односи со Србија, кои неминовно се градат на еднаквост, почит и меѓусебно разбирање, соопштенија од руското МНР, сугерирајќи дека „очигледно Михајловиќ е слабо упатена во реалноста“ на односите меѓу двете земји“.
„Со Србија имаме целосно меѓусебно разбирање за актуелните теми од меѓународната агенда. Во контактите со партнерите, отворено го презентираме нашиот поглед на ситуацијата во Украина. Ја почитуваме желбата на Белград да одржи балансирана, и што е најважно, независна линија во овие тешки услови“, посочуваат од руското Министерство.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера во интервју за Ројтерс изјави дека „Србија е сцена за посредна војна меѓу Истокот и Западот“.
-Србија е во посебна или специфична ситуација, во Србија преку политичките актери, преку невладиниот сектор, преку медиумите, преку различни општествени групи, буквално имате прокси војна на големите сили и тоа го гледате на улица секој ден, во секоја смисла, изјави Вуќиќ, еден ден откако противниците на парадата на гордоста вееја руски знамиња на протестот во Белград и носеа слики од рускиот претседател Владимир Путин.
Политичкиот аналитичар Душан Јањиќ денес за ТВ Прва коментирајќи го протестот „Литија за спас на Србија“, на кој банатскиот владика Никанор изјави дека пример за односот кон хомосексуалците е рускиот претседател Владимир Путин, кого го нарече „царот на планетата земја“, и да според бајкерите „Ноќни волци“, и по бискупите, било јасно дека зад неговата организација стои руската воена разузнавачка служба ГРУ.
Во полемиките во српските медиуми се огласи поранешниот министер за одбрана и лидер на ДС Драган Шутановац, кој на Твитер напиша дека „Наивно е ако верувате дека ова е прошетка против Неделата на прајд! Ова е прошетка против Србија во ЕУ, против санкциите кон Русија, против западните вредности… Ова е прошетка за чеченизација и талибанизација на Србија, за попровинциска Србија, за црна дупка“.
Извор: МИА