Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, во обраќањето на централната прослава по повод годишнината од воената операција „Олуја“ во Книн, порача дека Хрватска има клучна заслуга за воспоставувањето на мирот во Босна и Херцеговина и предупреди дека забрзаното вооружување на Србија носи нови безбедносни и финансиски предизвици.
На почетокот од говорот им оддаде почит на хрватските бранители и ја поздрави практиката ветераните да се обраќаат на свеченоста, оценувајќи дека токму тие најверодостојно можат да сведочат за настаните од војната.
Милановиќ истакна дека мировниот договор од Дејтон не би бил постигнат без интервенцијата на хрватската војска и Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), која, како што рече, била договорена со американските сојузници.
„Немаше да има Дејтон без хрватската војска, без гардиските бригади и ХВО. Тоа е историски факт“, изјави тој.
Осврнувајќи се на односите со Србија, Милановиќ рече дека Хрватска треба пред сè да се грижи за сопствените национални интереси, а не постојано да реагира на изјави што доаѓаат од Белград. Според него, бунтот на српските сили во Хрватска не започнал во Книн, туку бил организиран од Белград.
Сепак, нагласи дека не треба да се игнорира вооружувањето на соседната држава.
„Кога Србија се вооружува, мора да се запрашаме колку тоа ќе нè чини и дали станува збор за фер игра“, рече Милановиќ, додавајќи дека зголемените воени трошоци неизбежно значат помалку средства за образование, здравство и други јавни потреби.
Тој предупреди и на растечките издвојувања за одбраната, посочувајќи дека евентуалното трошење пет проценти од БДП за воени цели би претставувало сериозен товар за државниот буџет.
Во завршниот дел од говорот, Милановиќ оцени дека победите во војната не биле резултат само на воената сила, туку и на стратегијата и умешноста. Посебно го издвои началникот на Генералштабот Тихомир Кундид, за кого рече дека е единствениот началник на армија во НАТО и ЕУ со непосредно командантско искуство во офанзивни борбени операции.
Според Милановиќ, по неговото пензионирање ќе заврши една ера, а хрватската војска ќе мора да се прилагоди на новите безбедносни предизвици и современите облици на војување.
