Лично јас, како што се обврзав, ќе се вакцинирам на првиот ден кога вакцината ќе биде достапна во Грција, ако сè биде во ред, на 27 декември, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на средбата со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис рече дека вакцината е „најголемиот извор на оптимизам“ и ако се задржат европските временски рокови, првите дози во Грција ќе пристигнат на 26 декември, а ден подоцна да започне вакцинацијата.
-Најважно е да ги убедиме нашите сограѓани дека треба да се вакцинираат, дека вакцината е безбедна и ефикасна, од моментот кога е одобрена од сите надлежни тела, кои се одговорни за лиценцирање на вакви производи. А секако личната симболика на секој од нас, има свое посебно значење. Јас лично, како што се обврзав, ќе се вакцинирам првиот ден кога вакцината ќе биде достапна во Грција, ако се биде во ред, на 27 декември, рече Мицотакис.
Грчката претседателка рече дека периодот е особено тежок, но позитивно е тоа што „се гледа светло на крајот од тешкиот пат“.
-Можеби сите сме под голем притисок, а некои повеќе од другите, но наскоро ќе имаме позитивен резултат. Ова е многу важно и се надевам дека сите ќе ги разберат важноста и значењето на вакцинацијата, истакна претседателката на Грција.
На почетокот од средбата, Сакеларопулу и Мицотакис се осврнаа и на претстојните празници и потребата да се прослават во потесниот круг на семејството, без големи собири.
Грчкиот премиер рече дека во овој момент, најголема загриженост предизвикуваат собирите во домовите, но изрази надеж дека граѓаните ќе се придржуваат до мерките и препораките.