Лажна вест за прв случај на заразен од новиот коронавирус во Косово

Од:

Надлежните здравствени власти на Косово ја демантираа веста, што денеска ја објавија неколку медиуми, дека во земјата е потврден првиот случај на заразен од новиот коронавирус, што предизвика вознемиреност кај дел од косовските граѓани, јави дописникот на МИА од Приштина.

Ваљбон Красниќи, одговорен за известување за ситуацијата во врска со новиот коронавирус во владиниот Комитет за следење на заразните болести, изјави за „Газета експрес“ дека пациенти кои доаѓаат во Косово од разни земји со сомневање за зараза, се примени и денеска на Инфективната клиника на косовскиот Клинички и универзитетски центар (ЌКУК), меѓутоа досега нема ниту еден потврден случај на носител на вирусот.

Според Красниќи, досегашните тестирања на сомнителните случаи резултирале негативни, а се очекуваат резултатите од анализата на примероците на уште неколку лица.

– Четири примероци се испратени и резултатите од нивната анализа се уште не се готови. Се очекува да се испратат уште неколку примероци од пациенти кои се наоѓаат во ЌКУК со симптоми на корона, изјави Красниќи.

Веста дека во земјата има лице заразено од смртоносниот вирус Ковид-19, во изјава за „Коха.нет“, ја демантира и лекарот Шпенд Фазлиу од ЌКУК.

– Според информациите од Инфективната клиника, досега нема ниту еден потврден случај, изјави Фазлиу.

Во ЌКУК досега се примени околу 60 лица за кои постоеше сомневање дека се заразени со смртоносниот вирус, но анализите кај сите нив резултираа негативни, односно во земјата официјално и натаму нема ниту еден носител на вирусот.

Вчера медиумите објавивја дека меѓу хоспитализираните со сомнителни симптоми, чии анализи резултираа негативни на Ковид-19, има и лица кои се дојдени од Северна Македонија, меѓутоа не беше прецизирано дали се работи за косовски или за македонски државјани.

Би можело да ве интересира

Нов пограничен инцидент помеѓу Косово и Србија

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

УЕФА донесе одлука за прекинатиот натпревар меѓу Романија и Косово

Курти: Косово и Македонија немаат несогласувања, ние сме соседи, пријатели и партнери

Катерина Ѓуровски

Мицкоски пристигна во Косово, во тек меѓувладината седница

Катерина Ѓуровски

Заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Косово во Приштина