„Политичките разговори на експертско ниво за исчезнатите и раселените оваа недела беа продуктивни и конструктивни. Јас со нетрпение ја очекувам следната рунда експертски разговори на дијалогот Белград – Приштина“, напиша специјалниот преставник на ЕУ Мирослав Лајчак во порака на Твитер.
Директорот на Канцеларијата за Косово, Марко Ѓуриќ, изјави дека за време на дводневните технички разговори во Брисел, српската страна изнела бројни аргументи поврзани со судбината на исчезнатите Срби, го отворила прашањето за враќање на раселените лица и разговарала за економските инвестиции на ЕУ во регионот.
Во изјавата за Танјуг, Ѓуриќ наведе дека Приштина „одбила да учествува на вториот ден од разговорите“ посветен на економската соработка, но, исто така, и сугерирала за можно продолжување на техничкиот дијалог во наредните денови.
Тој наведе дека за време на првиот ден од техничките разговори, белградската делегација истакнала дека никој нема одговарано за воените злосторства извршени врз Србите.
Што се однесува до вториот ден од експертските разговори во Брисел, кој требало да биде посветен на економската соработка помеѓу Белград и Приштина, Ѓуриќ кажа дека делегацијата од Приштина одбила да учествува на таа средба, по што српската страна со претставниците на Европската комисија разговарала за инвестицискиот план од над 12 милијарди евра поддршка за Западен Балкан во наредните седум години.
Ѓуриќ додаде дека белградската делегација во текот на претходните два дена го поставила прашањето за спроведување на договорот за Заедницата на српски општини и други договори од значење за српскиот народ.