Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти изјави денеска дека Србија не ги мрази само Албанците затоа што се Албанци, „туку и другите зашто не се Срби“.
Во објава на својата страница на Фејсбук, по повод 100-годишнината од завршувањето на Првата светска војна, Курти напиша дека „шест години откако го окупира Косово“, по завршувањето на таа војна, „Србија ја анектира и Војводина“.
– Првата Југославија беше монархија и се формира како платформа за Голема Србија. „Кај што има Србин, таму е Србија“ не беше анализа на факти туку хегемонистички проект. Така почна колонизацијата на просторите на поранешна Југославија по пат на населување на Срби и експропријација на имотите на другите. Србија од Косово протера Албанци во Турција, но и од Војводина протера Германци и Унгарци. Значи, Србија не не мрази нас зашто сме Албанци, туку и другите бидејќи не се Срби, напиша Курти.
Во оваа негова рекапитулација на однесувањето на Србија во минатото столетие, лидерот на ВВ пишува дека пред три денцении, „со војската и полицијата на поранешна Југославија, Србија изврши агресија врз Косово, потоа врз Словенија, па врз Хрватска, по неа врз Босна и Херцеговина и на крај уште еднаш врз Косово“.
– Белград, како главен град на поранешна Југославија, за да ја создаде Голема Србија, ја растури Втората Југославија, бидејќи и се чинеше не баш злоупотреблива. „Кај што има српски гроб, таму е Србија“, викаа српските академици и свештеници. Така, Србите требаше да умираат, убивајќи и откако ќе убијат Хрвати, Бошњаци и Албанци. Убиени се 160.000 несрби, милиони луѓе станаа бегалци, пишува Курти.
По растурањето на Втората Југославија, истакнува тој, Србија продолжи и со растурање на нејзините конститутивни единици односно на републиките на поранешната СФРЈ, една по друга.
– Се обиде да ги растури нив одвнатре со правни конструкции и паралелни структури кои републиките ги претвораат во нефункционални држави. Во Хрватска не и успеа. Во Босна ја инсталира Република Српска. Во Косово се обидува да ни ја намести Заедницата (на општини со мнозинско српско население), посочува Курти.
Србија, според лдерот на ВВ, „и сега е голема, бидејќи ги има во свои рамки Војводина, Санџак, Прешевската Долина и Тимочката Краина“.
– Значи, Србија во свои рамки ги има Нови Сад и Суботица, Нови Пазар и Пирот, Прешево, Медвеѓе и Бујановац. Тие Косово го нарекуваат Косово и Метохија, а токму самите себе треба да се нарекуваат Србија, Војводина, Санџак, Прешевска Долина и Тимочка Краина, наведува Курти.
Тој, на крајот, порачува дека Албанците не се против српскиот народ, „како што никогаш не биле и никогаш нема да бидат“.
– Не ги изедначуваме Србите со Србија, како што не ги изедначуваме припадниците на еден народ со дејствијата на една држава, заклучи Курти.