Курти: Немаше никаков таен договор за отстранување на српските барикади во северно Косово

Од:

Косовскиот премиер, Албин Курти вели дека се невистинити шпекулациите објавени во домашните и српските медиуми дека имало некакви тајни преговори со Србија за отстранување на барикадите кои ги поставија косовските Срби во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во синоќешното интервју за агенцијата КосоваПрес, Курти рече дека, со цел да се смири ситуацијата во областите населени со мнозинско српско население, имало средби единствено со мировната мисија на НАТО, КФОР, со мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС и со амбасадорите на петте најголеми западни сојузници на Косово – таканаречената КВИНТА, која ја сочинуваат САД, Германија, Франција, Велика Британија и Италија.

-Немаше никаков таен договор. Имаше средби со КФОР, со ЕУЛЕКС и со амбасадорите на КВИНТА-та, посебно со оној на САД. Ние постојано нагласувавме дека трпението на граѓаните и на владата се исцрпува, затоа им дадовме малку повеќе време и простор на КФОР, но тоа не можеше да трае бесконечно. Сепак, на средбите кои ги имавме забележавме нивно зголемено залагање во правец на укинување на барикадите, затоа во неделата рековме дека е прашање на денови кога ќе се отстранат тие барикади, вели Курти.

Тој нагласи дека доколку КФОР не ги отстранеше барикадите, косовската полиција ќе го стореше тоа, за што при посетата кај нив директно се уверил дека „тие имаат не само волја, туку и капацитет да го сторат тоа“.

Во интервјуто за КосоваПрес Курти категорично ги демантира наводите дека ветил формирање на Заедница на општини со мнозинско српско население и нагласува дека единствена гаранција која им е дадена на меѓународниците е дека нема списоци за апсења на Срби на северот на земјата.

Барикадите на патните правци кон границата со Србија, косовските Срби ги поставија на 10 декември, поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, кој беше осомничен за напади врз општинските изборни комисии и полициските патроли во северно Косово.

Откако во средата, на 28 декември, мерката 30-дневен притвор на Пантиќ му беше заменета со домашен притвор, организаторите на протестот, по средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, одлучија да ги отстранат барикадите. По ова, денеска попладне, по 20-дневна блокада, беа отворени и двата гранични премини меѓу Косово и Србија, Јариње и Брњак.

Би можело да ве интересира

Македонски автобус заглави во снегот во Србија, се излизга и удри во банкина

Катерина Ѓуровски

Нов пограничен инцидент помеѓу Косово и Србија

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

11 уапсени за трагедијата во Нови Сад, приведен и Горан Весиќ

Катерина Ѓуровски

Во Србија уапсен двојниот убиец од Црна Гора: „Фатен е на спиење“

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Во Србија снегот направи големи проблеми: „Прст пред око не се гледа“