Курти: Нема место за тензии или дестабилизација, ние нема да им ги одземаме документите на луѓето кои влегуваат од Србија

Од:

Косовскиот премиер, Албин Курти изјави дека „нема простор за тензии и за дестабилизација“ по утрешното стапување во сила на реципроцитетот кон Србија за личните документи на граѓаните при влез од едната во другата држава и на одлуката за замена на српските со косовски регистарски таблички, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната прес-конференција пред утрешното стапување во сила на мерките за промена на српските со косовски регистарски таблички и за опремување на граѓаните на Србија со влезно-излезни легитимации при влез во Косово, Курти рече дека очекува сè да се одвива во најдобар ред, додека за предупредувањата од Белград за можни тензии оцени дека „тие (српските власти) кажуваат за себе“, а не за Косово.

-Воопшто нема простор за тензии и за дестабилизација, бидејќи станува збор за нешто легитимно и легално. Тие кои говорат за насилство, за блокади, за дестабилизации, тие кои говорат за тензии, кажуваат за себе. Тие не говорат за нас, тие говорат за себе. Ние сме демократска, парламентарна, мирољубива република и уверен сум дека сè ќе помине во најдобар ред, рече Курти.

Косовскиот премиер порача дека, за разлика од српските лидери, кои, според него, се „водачи на стравот и застрашувањето“, тој е „премиер на прогресот и надежта“.

-Јас сум премиер на прогресот и надежта и знам дека кај нашиот северен сосед, на тамошната политичка сцена, има многу политичари и функционери, до самиот врв на државата, кои се водачи на стравот и застрашувањето. Верувам дека мирот, демократијата, владеењето на правото, Републиката, уставноста немаат алтернатива. Затоа посакувам, верувам и работам за тоа утре сè да помине мирно, изјави Курти.

Тој појасни дека на српските државјани при влез во Косово нема да им се одземаат личните документи, како што тврдат одредени српски медиуми и групи на социјалните мрежи, туку само ќе им се издаваат изјави за потпишување.

-Ние нема да им ги одземаме документите на луѓето кои влегуваат од Србија во Косово. Тие доаѓаат со документи издадени од Србија, ние не им ги одземаме тие, туку им издаваме писмени изјави, исто онака како што веќе 11 години Србија постапува со секој граѓанин на нашата Република кога ја преминува границата за влез во Србија. Од утре тие ќе имаат еден документ повеќе, не документ помалку, изјави Курти.

Во вчерашното обраќање до косовските граѓани од српска националност, Курти рече дека Владата која тој ја води никогаш не била за тоа да се воведат привремени документи за српските граѓани кои влегуваат на територијата на Косово, но дека го прави тоа што Србија постојано им го прави на косовските граѓани.

Во пораката на српски јазик преку неговата страница на Фејсбук, Курти рече дека дејствијата кои ќе стапат во сила на 1 август не треба да се сфатат поинаку „освен како одговор на кршењето на правата“ од страна на Белград на сите косовски државјани, вклучително и на Србите.

Би можело да ве интересира

Курти: Министрите за правда работат на решавање на екстрадицијата на Демири и Исмаиловиќ

А1он

Курти: Косово и Македонија немаат несогласувања, ние сме соседи, пријатели и партнери

Катерина Ѓуровски

Мицкоски пристигна во Косово, во тек меѓувладината седница

Катерина Ѓуровски

Заедничка седница на владите на Северна Македонија и на Косово во Приштина

Кастрати: Целосен дебакл на Курти

О’Брајан: Го повикуваме Курти и неговата влада да прекинат со некоординираните акции

Горан Наумовски