Србија поради украинската криза не би требало да има проблеми со увозот на неопходните количини природен гас од Русија, оценија денес генералниот директор на Србијагас, Душан Бајатовиќ и претседателот на Собранието на Здружението за гас на Србија, Воислав Вулетиќ, јави допсиникот на МИА од Белград.
-Србија не треба да биде загрозена во однос на увезените количини гас. Државата ги презема сите мерки за да нема какви било проблеми со гасот. Сега можеме да ја видиме важноста на Балканскиот тек, изјави Бајатовиќ за ТВ Прва.
Тој додаде дека гасот нема да поскапи за индустријата и граѓаните до крајот на грејната сезона и потсети дека претседателите на Србија и Русија, Александар Вучиќ и Владимир Путин договориле 60 отсто од гасот по цена од 270 долари за илјади кубни метри, а остатокот да се купува по берзански цени, а од трговците по цена повисока за провизија.
Бајатовиќ кажа дека Србија во моментов има складирани 115 милиони кубни метри гас во Банатски двор и 165 милиони руски гас, а да има и безбедносни резерви.
Договорот за цената на гасот од 270 долари, како што кажа, важи до почетокот на јуни, а преговорите со Русите за нов договор за гас ќе започнат кон средината на март или почетокот на април, за кој се надева дека ќе биде склучен на десет години.
Вулетиќ оцени дека Србија добива гас преку Балканскиот тек и дека поради вооружените конфликти во Украина нема опасност од снабдување со гас.
-Нема никаква опасност и нема причина Србија да не добива гас преку Балканскиот тек, бидејќи гасоводот е далеку од местото на конфликтот, изјави Вулетиќ за агенцијата Бета.
Тој посочи дека „Европа ќе има доволно гас само ако сака и не е под влијание на САД, бидејќи Русија има доволно гас и може да го испорачува“.
Според него, проблемот е што енергетиката стана политичко оружје и што Европа „игра како што свират САД“, па затоа лани не ги наполнила магацините со гас од Русија бидејќи и бил ветен американски течен гас.
За разлика од повеќето европски земји, Унгарија се договори со Русија за испорака на гас за период од 15 години, а Србија по истекот на шестмесечниот договор со Русија треба да почне преговори за долгорочно снабдување.
Извор: МИА