„Коха Диторе“: Тачи ќе и ги врати на Србија териториите кои Ранковиќ му ги подари на Косово

Од:

Косовскиот претседател Хашим Тачи смета дека дел од северните територии, населени со мнозинско српско население, Косово ги добило од некогашниот висок функционер на Србија и СФР Југославија Александар Ранковиќ и има намера истите да ги врати во замена за Прешевска Долина, објави денеска приштинскиот весник „Коха Диторе“.

Весникот се повикува на неименувани извори во кабинетот на Тачи, кои велат дека не се знае точно за колкава територија станува збор, но според косовскиот претседател се работи за „дел од Лепосавиќ, Лешак и Зубин Поток“.

Со изјавите дека „Косово не смее да биде заложник на таквите ‘подароци’“, според косовските аналитичари кои ги консултира весникот, „Тачи јасно ја обзнанува идејата за размена на територии, која во јавноста лажно ја промовира како корекција на границата“.

Александар Ранковиќ (1909-1983) беше народен херој од Втората светска војна во тогашна Југославија и еден од највлијателните политичари во СФРЈ, основач на УДБА и ОЗНА, силните разузнавачки служби на тогашна Југославија, како и затворот „Голи оток“, каде што беа испраќани неистомислениците на комунистичкиот режим.

Тој беше тргнат од политичката сцена во 1966 година, кога тогашниот неприкосновен југословенски лидер Јосип Броз Тито, на пленумот на комунистичката партија во Бриони, објави дека Ранковиќ ги надминал своите надлежности и овластувања, со тоа што го прислушкувал и самиот Тито.

Кај Албанците, Ранковиќ се смета за идеолог на етничкото чистење на Косово во 50-тите и 60-тите години од минатиот век, со силните притисоци за нивно иселување, што резултира со заминуваање на голем број Албанци во Турција и колонизација на делови на Косово со Срби. Се смета дека негова идеја е принудувањето на косовските Албанци, по разни тортури, да купуваат оружје од одередени „даватели на услуги“ и истото да го предаваат кај властите, со „признание“ за нелегално поседување, по што беа казнувани со затворски казни или принудувани заедно со семејствата да го напуштат Косово.

Србите, пак, со порастот на национализмот со доаѓањето на власт на Слободан Милошевиќ на крајот од 80-тите, Ранковиќ го слават како еден од најголемите српски патриоти, борец за зачувување на српството во комунизмот и жртва на режимот на Тито.

Би можело да ве интересира

Македонски автобус заглави во снегот во Србија, се излизга и удри во банкина

Катерина Ѓуровски

Нов пограничен инцидент помеѓу Косово и Србија

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

11 уапсени за трагедијата во Нови Сад, приведен и Горан Весиќ

Катерина Ѓуровски

Во Србија уапсен двојниот убиец од Црна Гора: „Фатен е на спиење“

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Во Србија снегот направи големи проблеми: „Прст пред око не се гледа“