Дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина на високо политичко ниво ќе продолжи в понеделник во Брисел по долга пауза, најави денеска Маја Коцијанчич, портпарол на високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.
– Високата претставничка ќе посредува во разговорот меѓу претседателот на Владата на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Иса Мустафа, истакна Коцијанчич во соопштението за медиумите.
Таа наведе дека на дневен ред ќе биде утврдувањето на напредокот во спроведувањето на Бриселската спогодба и размената на мислења за идните чекори во процесот на нормализација.
Коцијанчич потсети дека тоа е прва рунда на дијалогот на високо ниво од април минатата година, по што и во Србија и во Косово беа одржани избори, кои доведоа до промена на составот на шефовите на дегелациите.
Тоа ќе биде прва средба меѓу Вучиќ и Мустафа во Брисел и прв пат под покровителство на Могерини, која кон крајот на минатата година ја презеде функцијата од Кетрин Ештон.