Американскиот државен секретар Хилари Клинтон по состанокот со српскиот претседател и премиер изјави дека продолжувањето на дијалогот на Белград со Приштина не значи дека од Србија се бара да го признае Косово.
„Сакаме да ја видиме Србија во европските интеграции. Цврсто го поддржуваме дијалогот. Ги разбирам уставните и политички препреки ви Србија, но дијалогот повикува двете влади да напредуваат. Разбирам дека е тешко, но тоа оди во корист на српскиот народ. Границите во Европа нема да се менуваат“, рече Клинтон.
Таа изјави дека е ова втор пат да се наоѓа во Белград и е сигнал дека САД сакаат да ги продлабоат односите со Србија.
„Се смеевме на состанокот обидувајќи се да утврдиме колку Срби има во САД. Горди сме на таа бројка, но сакаме да видиме како младите луѓе цветаат и се развиваат во својата земја. Младите во Србија се образовани, користат интернет, културно се развиена нација и заслужуваат прилика за Европа кои ја имаат другите. Не дојдовме да поставуваме услови и да спроведуваме контрола. Иднината на Србија е на вас, а на САД им се и тоа како важни младите, паметни луѓе во оваа држава. Ќе бидеме пријатели и партнери на народот на Србија“, рече Клинтон.
Ештон: Дијалогот на Белград и Приштина не значи признавање на Косово
Кетрин Ештон по состанокот со Ивица Дачиќ и српскиот претседател рече дека иднината на Србија е во ЕУ и дека разговорите на Белград и приштина се важни за двете страни.
„Иднината на Србија е во ЕУ. Србија направи значаен напредок и има статус на кандидат. Ги охрабрив претседателот и премиерот мда ги интензивираат реформите, посебно во правосудството“, рече Ештон.
Таа рече дека е договорено продолжувањето на дијалогот со Приштина, и дека е најважно сите спогодби да се применат во праксата. Дијалогот не значи барање да се признае независноста на Косово“, рече Ештон.
Премиерот на Србија Ивица Дачиќ кажа дека во последно време често се поставува прашањето зошто доаѓаат претставници на меѓународната заедница во Србија.
„Не дојдоа да поставуваат ултиматуми или да условуваат. Благодарен сум што Кетрин Ештон и Хилари Клинтон дојдоа да разговараат за теми кои се од животно значење за Србија“, изјави Дачиќ.
Говорејќи за Косово, тој кажа дека Србија е подготвена сите спорни прашања да ги реши по мирен пат.
„Подготвени сме за договор сите отворени прашања да ги решиме во следниов период, генерациите зад нас не заслужуваат отворени прашања. Оваа влада презеде одговорност да ги спроведе договорите склучени од минатата влада, а го прифати и политичкиот ризик да учествува во дијалогот“, рече тој.
„САД и ЕУ нема да го бараат од нас тоа што не можеме да им го дадеме, а тоа е да ја признаеме прогласената независност на Косово. Но подготвени сме на договор и да ги унапредиме животите на луѓето на Косово“, изјави Дачиќ по средбата.