Австрискиот министер за внатрешни работи Херберт Кикл во писмото испратено до европскиот комесар Димитрис Аврамопулос истакнува дека треба да се посвети внимание на состојбата во Западен Балкан за да не се повтори ситуацијата со бегалците од 2015 и 2016 година.
Кикл писмото го испрати пред денешниот состанок со Аврамопулос и министрите од земјите од Западен Балкан, на кој ќе се разговара за конкретни мерки за борба против илегалната миграција на Балканот.
– Развојот во Југоисточна Европа т.е. долж балканската рута дава повод за загриженост. Тоа се однесува на грчко-турската граница, како и на крајбрежната рута преку Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Ситуацијата во Грција и понатаму е многу тешка, бидејќи многу е голем притисокт врз островите… Забележан е и раст на мигрантскиот бран преку Западен Балкан. Во првите четири месеци бројот на илегални преминувања на границите преку копнениот пат во споредба со истиот период од минатата година е зголемен за неколку пати. Посебно е погодена БиХ, истакнува Кикл во писмото, но не наведува конкретни бројки.
Кикл истакнува дека состојбата мора да се искориста сите можности за ситуацијата да се стави под контрола. Тој бара поинтензивна политичка, стратешка и оперативна соработка во борбата против илегалната миграција и бара зајакнати мерки во областа на протерувањето.
Според австрискиот министер за внатрешни работи клучен фактор во борбата против илегалната миграција е создавање на поефикасна заштита на границите.
– Ние, на пример, поттикнавме воспоставување на механизам за непосредно набљудување на илегалниот мигрантски бран, со цел да имаме увид во актуелната ситуацаија. Понатаму е договорено воспоставување на посебна група за борба против кријумчарите, истакна Кикл.
Тој додаде дека Европска комисија треба да ја анализира состојбата на рутата и да преземе соодветни мерки.