„Не постои разумен суд што ќе ме осуди“, изјави поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, чија пресуда во Меѓународниот трибунал во Хаг за обвиненијата за геноцид и воени злосторства треба да биде изречена утре, пренесе Танјуг.
Во интервју за Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН), Караџиќ истакна дека неговата „постојана борба за зачувување на мирот, спречување на војната и намалување на страдањата на сите луѓе, независно од нивната вера, е пример достоен за почитување“.
За настаните во текот на војната Караџиќ ја обвини „странската интервенција“, појаснувајќи дека без неа тој ќе постигнел конструктивно и компромисно решение со лидерот на босанските муслимани, Алија Изетбеговиќ, со кого биле на „плодотворен пат“.
Караџиќ кажа дека неговите очекувања за пресудата се исти како и на почетокот на процесот, затоа што знае што сакал, што направил, за што мечтаел и верува дека нема разумен суд што ќе го осуди.
– Многу високо позиционирани лидери на босанските Срби беа осудени, но тоа не беа само пресуди против нив, туку и пресуди против самиот обид за постигнување меѓународна правда, против шансата за заеднички и плодотворен живот на нашите заедници, изјави Караџиќ.
Тој во интервјуто уште кажа дека пред Меѓународниот трибунал е изнесена многу „чиста пропаганда“, дека многу од обвинетите не можеле да се бранат заради недостигот од време или пари, заради предрасуди, демонизација во медиумите, пристрастност на западните сили, организации и заедници.
Поранешниот претседател на Република Српска призна дека тоа што се случило во Сребреница (каде силите на босанските Срби убија 8.000 муслимански мажи и момчиња), е „доста лошо“, но „преувеличувањето“ на неговите размери не помага во разбирањето и мирот меѓу народите.
– Непотребното убиство на еден човек е ужасно, а не пак убиството на сигурно најмалку неколку стотици лица. Оние кои го сториле, пред се се непријатели на Србите, а потоа непријатели на оние семејства и на муслиманската заедница, рече Караџиќ, додавајќи дека истото важи и за 3.500 српски жртви во регионот на Сребреница.
Од друга страна, споредбата кој бил пожесток, кој убил повеќе жени, деца и старци, кој заклал повеќе грла, отсекол повеќе уши и гениталии, треба да биде работа на една праведна и компетентна српско-муслиманска комисија за вистината, а не работа на медиумите, и тоа кога ќе дојде време за тоа, истакна Караџиќ. Се друго, според него, само ќе ги влошува работите.
Запрашан како ги гледа своите шанси во судот, Караџиќ одговори дека неговите шанси и пресуда треба да бидат исти како шансите на секој друг претседател од модерниот свет, „ниту повеќе, ниту помалку“.