Како се живее на тромеѓето на БиХ, Црна Гора и Хрватска

Од:

На самиот влез во Игало, приморската населба во општина Херцег Нови, во Црна Гора и денес стои граничен камен со натпис Ерцеговина на латиница и кирилица, кој сведочи дека некогаш подрачјето на Суторина со излез на море, во местото Њивица, припаѓаше на Босна и Херцеговина. Во постоењето на каменот со наведениот натпис овие денови се увери и екипата на Анадолија.

Жителите на Суторина, подрачје кое опфаќа седум населени места, Њивица, Крушевица, Пријевор, Шчепошевиќ, Сцлила, Врбање и Ситница, каде моментално живеат околу 1.600 граѓани, не се оптоварени со прашањето за актуелизирање на разграничувањето меѓу Босна и Херцеговина и Црна Гора, според кое подрачјето на Суторина би било вратено под јурисдикција на официјално Сараево.

Како што наведуваат, приоритет им е да обезбедат работа и средства за живот. Високата политика ја оставаат на владите да се договорат.

Данок плаќале во Требиње

Имено, Суторина во Бокакоторскиот залив на Јадранското море, со вкупна површина од 75 квадратни километри, која до тогаш припаѓаше на Босна и Херцеговина, доделена е на тогашната Народна Република Црна Гора. Како што се наведува, тоа е направено со договор меѓу Ѓуро Пуцар и Авди Хума во име на БиХ, како и Блажо Јовановиќ во име на Црна Гора., со дозвола на тогашниот државен врв на СФРЈ на чело со Тито и Бакариќ. Така вториот излез на БиХ на море, во должина од седум километри, бил припоен кон Црна Гора.

Во време на договорот, Пуцар бил на должност претседател на Президиумот на Народното собрание на НР Босна и Херцеговина, Хумо бил потпретседател на Владата на НР БиХ, Јовановиќ прв претстедател на Владата на НР Црна Гора, а Бакариќ прв претседател на Владата на НР Хрватска.

Со оглед на тоа дека тој дел се наоѓа на тромеѓето на разграничувањето на трите држави, жителите на подрачјето на Суторина сега веруваат и се надеваат на тоа дека границите меѓу БиХ, Црна Гора и Хрватска ќе исчезнат со влезот на државите во Европската унија.

Милорад Мрачевиќ, жител на Суторина и претседател на месната заеднива за Агенција Анадолија наведе дека во состав на Суторина биле седум до девет села.

– Ние порано данок плаќавме во Требиње. Тоа го знам од зборувањето на мојата баба. Книгите се воделе во Требиње – вели Мрачевиќ, истакнувајќи дека моментално на подрачјето на Суторина не се живее добро.

На прашањето дали жителите на Суторина имаат проблеми со повторното отворање на прашањето за разграничување, одговора дека нема големи притисоци.

– Не размислуваме многу за тоа. Тоа се спомнуваше и претходно. Јас сум роден под Црна Гора и некако повеќе се чувствувам од оваа страна. Роден сум во 1953 година. Тоа веќе беше разграничено – вели Мрачевиќ.

Тој потенцира дека сите сеќавања во Суторина, како дел од БиХ, поврзани за неговата баба.

– Баба ми ми раскажуваше, дека горе во Требиње одела да плаќа данок. Тоа го запамтив така – вели Мрачевиќ.

Моментално на подрачјето на Суторина, вели тој, живеат се помалку жители.

Се помалку домицилно население

– Да не се овие што се доселија во текот на војната и викендашите, би биле уште помалку. Се сме помалку, се исели многу народ за Херцег Нови, Игало. Малку останаа по селата, 30 отсто. Можеби уште помалку – вели претседателот на Месната заедница во Суторина.

Гојко Матијашевиќ, ни го покажува граничниот камен на влезот во Игало како сведоштво дека тој локалитет порано бил во состав на БиХ. Како млад човек на 24 години, вели тој: – Повеќе сум врзан за Црна Гора, роден сум тука и тука живеам. Тоа било многу порано.

Вели дека младите луѓе во Суторина денес живеат многу лошо.

– Се трудиме кога е сезона. Секој работи што ќе стигне, чисто да може да заштеди малку пари за зимата. Работа нема. – вели Матијашевиќ.

Не е загрижен од прашањето за разграничување на Црна Гора и БиХ, т.е. од повторното отворање на прашањето и иницијативите за враќање на Суторина во состав на Босна и Херцеговина.

– Прашањето на животот е поважно. Важно е човек да работи, а разграничувањето, веројатно тоа ќе го решат државите – потенцира Матијашевиќ.

Претседателот на Општина Херцег Нови Милан Вајагиќ за Суторина и разграничувањето на Црна Гора и БиХ зборуваше во ексклузивен разговор за Агенција Анадолија.

– Според информациите кои јас ги имам, а кои ги добив од претседателот на Владата на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, тој проблем со границата меѓу Црна Гора и БиХ е пред решавање. Како што ми е кажано, се е договорено и само е прашање на ден кога ќе се потпише тој договор – потенцира Вајагиќ.

– Бидејќи по вокација сум правник и работев во тогашниот Општински суд во Херцег Нови, знам дека катастарската општина на Суторина била во нашето земјишно катастарско одделение.

– Според мене, тука нема никаков спор, бидејќи границите се утврдени во време на поранешна СФРЈ кога официјалната, легитимна власт на тогашните републики Црна Гора и Босна и Херцеговина ја дефинирале границата каква што е и денес. Таа граница ќе се верификува со новиот договор меѓу сега независните држави Црна Гора и БиХ – вели Вајагиќ.

Земјишните книги се пренесени во Херцег Нови по Втората светска војна

Вајагиќ наведе дека книгите официјално од судот во Требиње се пренесени во Херцег Нови непосредно по Втората светска војна.

– Знам дека на нив пишуваше, се сеќавам кога работев на таа проблематика, Општина Требиње катастарска општина Суторина. Тоа беше во надлежност до тоа време во Требиње и потоа тоа премина во Херцег Нови кога разграничувањето заврши. Тоа се случувало непосредно по Втората светска војна. Книгите тогаш биле пренесени во Општинскиот Суд во Херцег Нови – вели претседателот на Општина Херцег Нови.

Ги демантира наводите дека во Суторина не се гради, т.е. дека тоа не се прави, бидејќи со сигурност не знаеме што ќе биде на крајот.

– Просторниот план на Херцег Нови ја опфаќа целата територија на нашата општина, меѓу другото и Суторина. Знаеме дека цело Суторинско поле пред се порано во време на СФРЈ т.е. цела Суторина била планирана како некоја трета фаза на изградба на Институтот Др. Симо Милошевиќ. Тоа се т.н. Солила и другите делови на Суторинско поле, кои денес според нашиот просторен план, предвидени се за спортски намени: изградба на спортски објекти. Имаше и некои разговори со странски инвеститори да направат терени за голф, имаме многу идеи, тие се инкорпорирани во нашиот просторен план на Општина Херцег Нови – вели за АА првиот човек на градот.

Наведува дека во Суторина и многу селски подрачја се градат етно села. Претседателот на Општина Херцег Нови истакна и дека Суторина се развива како и секој друг дел од општината.

– На теренот никогаш немало никаков спор меѓу граѓаните на нашите две држави, па и меѓу самите селани од пограничните села. Тука имаме одлични соседски односи. Ние имаме комуникација и со Требиње, Гацка, Невесиње, Љубиње, Мостар, Сараево – со сите имаме коректни односи. Кога е ден на градот, одиме и се посетуваме. И по сите овие настани кои ги задесија нашите народи, сега гледаме сето тоа да го санираме – истакнува Вајагиќ.

Претседателот на Општина Херцег Нови потенцира дека преку летото доаѓаат голем број туристи од Босна и Херцеговина на летување во тој црногорски град.

Прашањето за Превлака: Договор или арбитража

– Тие секогаш ни се добредојдени гости и никој немал ниту една забелешка. Гледајќи ги нашите книги за впечатоци, каде туристите се изјаснуваат, никогаш немало ниту еден најмал инцидент во било која смисла, така сите што дошле тука биле задоволни. Мислам дека тука нема спор меѓу граѓаните, а ни меѓу владите на БиХ и Црна Гора. Тоа ќе се реши во духот на добрососедските односи и идните комуникации меѓу нашите граѓани и државите – вели за Суторина Милан Вајагиќ, претседател на Општина Херцег Нови.

Со оглед на тоа дека заливот Бока которска се наоѓа на тромеѓето меѓу Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска, не интересираше и во која фаза се преговорите околу решението на прашањето за Превлака на граничниот појас меѓу Црна Гора и Хрватска.

– Тоа прашање се решава меѓу владите на Хрватска и Црна Гора. Имам информација ако тие не се договорат и склучат договор за разграничување дека ќе се дадат на меѓународна арбитража и дека тоа ќе биде одлука која сите ќе ја прифатат. Тоа е став и на едната и на другата влада – наведе Вајагиќ.

Локалните заедници на трите држави на Хрватска, Црна Гора и БиХ, без оглед на сите отворени прашања, се обидуваат да направат контакти за да се унапреди животот на граѓаните. Тоа оди бавно и тешко, но се надеваат на брзи и подобри резултати.

– Има обид околу Интрументите за пристапните фондови т.е. ИПА фондовите и посебно тоа се обидовме и со Требиње и низ блиска соработка со Дубровник и општината Конавли од Цавтат.

Се обидуваме да воспоставиме односи, но не сме задоволни со тоа како тоа тече на тој план. Најмногу контакти имаме на спортски план. Нашите ватерполо клубови, кошаркарските, фудбалските, се посетуваат, играат пријателски натпревари. Има и некои официјални натпревари во кошарка меѓу женските екипи во рамки на регионалните лиги. Нема контакти на ниво на локалните самоуправи и главно тоа беше околу водоснабдувањето, бидејќи цевководот за снабдување на градот Херцег Нови со вода оди преку територијата на Хрватска од Плато преку Коновал до Дебели Бијег, каде е границата со Црна Гора. Тука се остварени многу добри контакти на тој план и тоа е решено што е многу добар знак дека таа добрососедска соработка може да се развива во подобар правец – потенцира Вајагиќ.

Во последните три четири години нема проблеми што се однесува до прашањето на снабдување на Херцег Нови со вода, тоа е решено со договори.

Претседателот на Општина Херцег Нови наведе дека цената е многу прифатлива за градот во однос на претходните цени. Тоа подобрување успеа, наведува Вајагиќ, со вклучување и на владите на Црна Гора и Хрватска.

– Потоа постигнавме една подобра соработка. Комуникацијата е речиси секојдневна меѓу нашите јавни претпријатија кои се бават со водоснабдување. Соработуваат. Нашите одат таму, тука доаѓаат претставници од водоводот од Цавтат. Сите прашања брзо и ефикасно се решаваат. Ние плаќаме редовно колку можеме, но мислам дека сме доста ажурни. Исклучувања нема – наведе претседателот на Општина Херцег Нови.

Три општини, три држави: Неопходно е соработката да се обнови

Инаку, интересно е дека вентилот со кој се регулира снабдувањето со вода во Херцег Нови, во Црна Гора се наоѓа во станицата на Плата, во Хрватска.

Првиот човек на Херцег Нови верува дека просторот на Дубровничкиот, Требињскиот и Херцеговскиот регион, иако се во три различни соседни држави, во иднина подобро ќе соработуваат, за добро на сите.

– Треба да седнеме и да разговараме. Мораме да бидеме во секојдневна комуникација, бидејќи тука сме упатени едни на други. Практично тоа е еден регион кој го препозна и Европската унија и чии стремежи се да дојде до поврзување на Дубровник – Дубровничкиот регион, Требињскиот и Херцеговскиот. Тоа го гледаме и преку желбата за некои проекти како што е прашањето за регионалната депонија за смет, водоснабдувањрто каде има некои нови идеи – порачува Вајагиќ.

Има многу и заеднички потреби и проекти, додава тој, кои упатуваат на што побрза соработка, да седнат и заедно да разговараат, да градат многу подобра соработка и заедничка иднина меѓу трите општини во регионот.

– Без оглед на националните и верските разлики, всушност, според јазикот сите сме исто блиски: такви бевме и низ целата историја и нема причини така да не биде и сега. Во еден период дојде до пореметување и криза, која што поскоро мора да ја заборавиме и да изградиме нова доверба, контакти и да одиме во некоја поубава приказна од таа која беше пред 20 години. Низ историјата овие народи имаат позитивни примери без оглед на тоа какви несреќи ги следеа: соработката секогаш беше добра и меѓу луѓето. Не гледам причини да не биде така денес и во иднина – порача претседателот на Општина Херцег Нови.

Анадолија – Анкара

Би можело да ве интересира

Во БиХ е пронајдено девојче од Германија, жртва на трговија со луѓе

Земјотрес во БиХ, епицентарот во околината на Мостар: „Добро се стресе!“

Извлечени тела на жена и дете од коритото на Миљацка во Сараево

Горан Наумовски

Брисел и даде „зелено светло“ на БиХ за отворање на преговорите за пристапување во ЕУ

Горан Наумовски

По Црна Гора, земјотресот ја погоди и Босна и Херцеговина

Земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина