Јанша тврди Словенија нема проблем со слободата на медиумите, Фон дер Лајен му порача да го врати финансирањето на СТА

Од:

Премиерот Јанез Јанша, на прес-конференцијата по завршувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ, на новинарско прашање, ги отфрли обвинувањата дека Словенија дава лош пример за земјите-кандидати за членство со тоа што не ја финансира Словенечката новинска агенција (СТА) и не ја почитува слободата на медиумите.

Од своја страна, пак, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, јасно порача дека СТА треба да се финансира.

Во одговорот на новинарско прашање дека словенечката Влада не го финансира јавниот сервис на СТА веќе 279 дена, иако треба законски да го прави тоа, Јанша кусо одговори дека Владата ќе и исплати пари на агенцијата „истиот ден кога директорот ќе го потпише договорот“. -Владата не може да ги плати парите што се резервирани додека не се потпише договорот, бидејќи тоа е она што го предвидува законот. Откако ќе има нов директор, се надевам дека ситуацијата ќе се реши што е можно поскоро, рече Јанша.

Како што подоцна пренесе СТА, согласно законот, Владата треба да плати на СТА за јавни услуги, „дури и ако не е склучен договор“.

Фон дер Лајен од своја страна посочи дека постојано укажувале на сериозната загриженост за нефинансирање на СТА.

-Сегашното финансирање е важно за нејзината независност. Минатата недела, потпретседателката на Европската комисија, Вера Јурова, испрати писмо до словенечките власти во кое ги потсетува на итноста на ова прашање. Тоа ја покажува потребата од законодавството на ЕУ за заштита на слободата на медиумите и плурализмот со законот за слобода на медиумите, што го објавив во мојот говор за ситуацијата во Унијата. Длабоко сум убеден дека бранењето на слободата на медиумите значи одбрана на нашата демократија. Медиумските компании не треба да се третираат како сите други, бидејќи нивната независност е клучна за нашите демократии, рече Фон дер Лајен.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, исто така, истакна дека слободата на медиумите е важна вредност за ЕУ. Тој истакна дека ЕУ воспостави механизам за зајакнување на владеењето на правото „со цел да ги поддржи нашите основни вредности и добро управување“. – Овој механизам се очекува да биде целосно оперативен наскоро, рече Мишел.

Јанша, пред околу една седмица кога директорот на СТА поднесе оставка, рече дека тој е „политички назначен“ да раководи со агенцијата од пред десет години.

Шефот на словенечката новинска агенција СТА Бојан Веселиновиќ поднесе оставка на 30 септември, обвинувајќи ја владата дека се обидува „да ја потчини агенцијата“ со задржување финансиски средства. ЕУ изрази „сериозна загриженост“ и ги повика словенечките власти да го сменат „негативниот тренд“ во однос на слободата на медиумите.

– Не можам да ги прифатам условите кои Владата и ги наметна на нашата агенција, која бесплатно работи 273 денови, рече тогаш Веселиновиќ.

Премиерот Јанша и покрај предупредувањата од Европската Унија ги замрзна финансиските средства на СТА, оценувајќи оти Агенцијата е премногу критична кон него.

Врховниот суд на Словенија и наложи на Владата да го плати долгот што го има кон СТА. Но администрацијата на Јанша не се повлече дури и по одлуката на Врховниот суд, наведувајќи ги правните спорови околу договорот за финансирање.

Словенечката новинска агенција е формирана во 1991 година и прима државна помош од две милиона евра секоја година, но за 2021 година не и се исплатени средства. Минатата пролет Словенското новинарско здружение (ДНС) организираше кампања за донации која собра повеќе од 270.000 евра за да ѝ помогне на агенцијата да преживее.

Би можело да ве интересира

Европскиот парламент ги одобри преостанатите седум кандидати за еврокомесари

Горан Наумовски

Се урна мал авион во Словенија, најмалку тројца загинати

Горан Наумовски

Фон дер Лајен: Европа има резерви на гас и покрај уцената на Путин

Фон дер Лајен: ЕУ може да го замени рускиот гас со американски, поевтин

А1он

Урсула фон дер Лајен: Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија

Урсула фон дер Лајен и Шарлс Мишел разговараа со Трамп за идната соработка