Партијата на косовските Срби (ПКС) смета дека тоа што пратениците на Српската листа (СЛ) од синоќа се наоѓаат во косовското Собрание со барање да се сретнат со еврокомесарот Јоханес Хан, кој допатува попладнево во Приштина, претставува само „рекламна кампања на СЛ и на нејзините ментори од Приштина и Белград“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението на ПКС, чиј лидер е поранешниот претседател на Српска листа (СЛ) Александар Јаблановиќ, се вели дека „е добро познато оти СЛ минатите четири години ги преспа во Собранието на Косово и нема никаква корист за Србите ако нејзините пратеници преспијат уште една ноќ во Парламентот“.
– Желбата на политичките аматери на СЛ да се стекнат со ефтини политички поени на несреќата на српскиот народ која самите ја предизвикаа поддржувајќи ја Владата на Рамуш Харадинај, која воведе такса од 100 отсто, нема да донесе ништо добро за косовските Срби и има за цел единствено одвлекување на вниманието од апсењето на убијците на Оливер Ивановиќ“, се вели во соопштението од партијата на Јаблановиќ, кој беше и министер за заедници и враќање на раселените во претходната Влада, предводена од сега опозицискиот лидер Иса Мустафа.
ПКС бара од Српска листа „да не се крие зад српскиот народ и да не го принудува истиот да излегува на сценирани протести, туку да го натера својот партнер во Владата да ја повлече одлуката за таксата од 100 отсто“.
Пратениците на најголемата партија на косовските Срби, СЛ, минатата ноќ и денешниот ден го поминаа во просториите на нивната пратеничка група во Собранието на Косово, барајќи средба со Хан, кој е дојден да разговара со косовскиот врв за воведената такса.
Според последните информации од тимот на Хан, тој за време на престојот во Приштина нема да најде време да се сретне со пратениците Срби.