Новата Влада на Република Српска (РС), чиј премиер е Радован Вишковиќ, е избрана доцна синоќа во Народното собрание. По 13-часовна седница, половина час по полноќ, за изборот на Вишковиќ гласаа 54 пратеници, против беа девет, а воздржани четворица.
Изборот на членовите на новата Влада го поддржаа 54 пратеници, 13 беа против, а двајца воздржани.
Во ентитетската Влада осум министри се од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), тројца од Социјалистичката партија (СП), двајца од Демократскиот народен сојуз (ДНС), по еден од Демократскиот сојуз – Демос, Обединета Српска (ОС) и Народниот демократски сојуз (НДС).
Од кадрите на СНСД, Драган Лукач останува министер за внатрешни работи, нова министерка за финансии е Зора Видовиќ, ресорот правда и натаму ќе го води Антон Касиповиќ, а министер за здравство и социјална заштита е Ален Шераниќ.
Нов министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е Борис Пашалиќ, а министер за градежништво, просторно планирање и екологија останува Сребренка Голиќ.
Министер за европски интеграции и меѓународна соработка е Златан Клокиќ, а новото Министерство за научно-технолошки развој и високо образование ќе го води Срѓан Рајчевиќ.
Тројцата социјалисти во Владата на РС се Петар Џокиќ, кој ќе раководи со Министерството за енергетика и рударство, Душко Милуновиќ е нов министер за труд и боречко-инвалидска заштита, а Соња Давидовиќ е нова министерка за семејство, млади и спорт.
Од Демократскиот народен сојуз, Неџо Трниниќ останува во ресорот сообраќај, а Лејла Решиќ во Министерството за управа и локална самоуправа.
Министер за стопанство и претприемништво е Вјекослав Петришевиќ од Народниот демократски сојуз, а министерка за трговија и туризам е Драгица Ковач од Демократскиот Сојуз. Министерка за просвета и култура е Наталија Тривиќ од партијата Обединета Српска.