Албанија е главен производител на марихуана во Европа и меѓу првите земји во светот, а албанските криминални групи продолжуваат да бидат меѓу најглавните и најкоплексните во Италија – ова е една од констатациите во најновиот извештај на италијанското Одделение за борба против мафијата.
Во извештајот се сумира криминалната активност на италијанските и странските мафијашки групации во Италија за периодот јули-декември 2019 годна, во кој се истакнува дека е „време албанските криминални групи да се сметаат за мафија“.
За првпат италијанската Антимафија сигнализира дека парите заработени од незаконската активност на албанските криминални групи во Италија се инвестираат во Албанија во стратешки сектори, како што се туризмот и градежништвото.
„Парите заработени од незаконска активност, албанските криминални организации ги инвестираат во татковината, односно во Албанија, во стратешки сектори, како што е градежниот и туристичкиот. Тие исто така ги користат за да купат хероин од Азија и кокаин од Колумбија, стои во извештајот.
Новина што е наведена во извештајот е промената на улогата што Албанија ја презела на национално и меѓународно криминално сценарио за трговија со дрога, станувајќи главна транзитна земја за трговија со хероин од Авганистан и Централна Азија и албанските криминални групи во улога на брокери увезуваат големи количини кокаин од Колумбија за европскиот пазар.
Италијанската антимафија, исто така, ја потврдува употребата на напредна технологија при користењето чамци натоварени со дрога, кои испловуваат од Албанија, со автоматски далечински управувачи и без пилот.
„Албанските криминални групи се присутни во поголемиот дел од националната територија и се меѓу најкомплексните етнички организации кои се способни да работат на различни нивоа. Од една страна, тие се појавуваат во одделни дејствија или во соработка за сметка на други и главно во специфични кривични дела, а од друга страна е констатирано постоењето на албански криминални организации структуирани подолго време на италијанска територија со типични мафијашки карактеристики, стои меѓу другото во извештајот од 888 страници, а во кој албанскиот криминалитет и Албанија се анализираат во две посебни поглавја, пренесува Ора њуз телевизија.
Активноста на албанската криминална активност главно се изразува во шверц со наркотици, со оружје, со луѓе и проституција што тие честопати ја извршуваат во соработка со други криминални етнички групи во Италија, како оние од Романија и Нигерија.
„Албанските криминални организации кои делуваат на италијанска територија имаат врски со албански крминални групи во Холандија, Белгија, Австрија, Франција, Шпанија, Германија, Велика Британија и Централна и Јужна Америка. Тоа се криминални организации кои директно се договараат со нивните соработници во Албанија. Пловните објекти, главно моторни чамци натоварени со дрога, испловуваат главно од Драч и Валона и преко Отрантскиот канал пристигнуваат пред се на крајбрежјето во областа Пуља, кај Бари, се посочува во извештајот.
Исто така се наведува дека во квалитетни пластеници во внатрешноста на Албанија се одгледува наркотично растение со високо присуство на THC и се додава дека шверцот со дрога од Албанија не запрел ниту за време на вонредната состојба на пандемијата Ковид-19. паг/