Хрватското Министерство за надворешни работи соопшти дека изјавата на претседателот на Србија Томислав Николиќ за денешен „Курир“ не придонесува за нормализација на односите во регионот и оти претставува лоша порака за односите меѓу Хрватска и Србија.
– Непријатно сме изненадени со изјавите на претседателот на Србија Томислав Николиќ, изнесени во интервју објавено денеска во весникот „Курир“, кои ниту малку не придонесуваат за нормализација на односите во регионот и ги сметаме за лоша порака за односите меѓу Хрватска и Србија, се наведува во соопштението на Министерството.
Во соопштението исто така се отфрлаат сите тврдења изречени за Хрватска во интервјуто.
– Хрватска е земја, која ги почитува и ќе ги почитува правосудните органи, како единствен можен начин за функционирање на државата. Таквиот став е во темелите на воспоставувањето на правната држава, која меѓу останатото е и претпоставка за членство во Унијата, се вели во соопштението.
Хрватското МНР потенцира дека несогласувањето со пресудата на Хашкиот трибунал за ослободување на хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач е работа на личен став на секој поединец. – Хрватска ја прифати соработката со Судот, донесе и Уставен закон за соработка со Хашкиот трибунал, а сите свои обврски ги исполни во согласност со меѓународните норми, право и обврски, нагласува Министерството.
Николиќ во интервјуто изјави дека односите со Хрватска не одат во добра насока. – Претседателот на Хрватска до оваа пресуда бараше причини да не се помириме. Сите приказни дека е лут, бидејќи јас сум кажал нешто во врска со Вуковар се лага. Тој ја очекуваше оваа пресуда. Тој сега би сакал да разговараме – јас како претседател на народот кој вршел злосторства и тој како претседател на народот кој не е за ништо осуден, рече Николиќ.
Тој истакна дека е циничен и повикот на генералот Готовина, кој ги повика Србите да се вратат.
– Што сака да се соберат и уште еднаш да ги протера и убие, за да ја заврши таа работа? Повеќе да не го бараат ниту имотот, рече Николиќ.