Српската Влада треба веднаш да ја отповика својата одлука за забрана на настани за време на Европрајд закажан за септември 2022 година, објави меѓународната организација Хјуман рајтс воч.
– Наместо тоа, властите треба да соработуваат со организаторите за да обезбедат соодветна безбедност за учесниците, посочува ХРВ.
Организацијата потсетува дека српскиот претседател Александар Вучиќ на 27 август објави дека Владата на Србија го откажува Европрајд, признавајќи дека овој потег е „кршење на правата на малцинствата“, но својата одлука ја оправда со закани од десничарски групи за нарушување на настанот, како и со зголемување на граничните тензии со Косово.
– Оправдувањето на српските власти за откажување на Европрајд 2022 е неверојатно слично на аргументите на Русија за забрана на маршевите на ЛГБТ лицата со образложение дека тие може да доведат до насилни судири со контра-демонстрантите, смета ХРВ и потсетува дека Европскиот суд за човекови права го отфрли тој аргумент во случајот Алексеев против Русија во 2010 година како кршење на правото на мирно собирање.
Извор: МИА