Косовскиот претседател Хашим Тачи побара од републичкото Собрание итно да усвои резолуција со која ќе му се забрани на премиерот Авдулах Хоти да преговара за формирање Заедница на српски општини (ЗСО) на Косово, што е една од темите на актуелните косовско-српски преговори кои се водат во Брисел.
Во денешното соопштение од канцеларијата на Тачи се наведува дека Хоти треба да се спречи да преговара „за внатрешни работи на Косово и за теми кои го загрозуваат внатрешниот поредок на државата“.
– Собранието на Косово треба итно да го истретира овој опасен чекор на Владата на Косово во дијалогот во Брисел. Исто така, итно треба да се изгласа резолуција со која на премиерот му се забранува да преговара за внатрешни работи на Косово и за теми кои го загрозуваат внатрешниот поредок на државата, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.
Според Тачи, отворањето на темите за правата на заедниците и ЗСО, „кои се решени со пакетот на (специјалниот пратеник на ОН за Косово, Марти) Ахтисари“, претставува „голема и опасна грешка“ и ќе значи „репродукција на Република Српска на територијата на Косово“.
– Тоа е голем удар врз државноста и повреда на суверенитетот на нашата држава. (…) Косово не може по ниту една цена никогаш да дозволи на нејзина територија да се формира политички ентитет кој би претставувал репродукција на Република Српска на територијата на Косово, порача косовскиот претседател.
Според Тачи, и разговорите за имотните прашања, кои се исто така дел од агендата на косовско-српските преговори кои моментално се одвиваат на експертско ниво во Брисел, „се спротивни на Уставот и законите на Косово и претставуваат повреда на суверенитетот на државата“.
Пренесувајќи го соопштението, дел од медиумите во Приштина потсетуваат дека во 2015 година токму Тачи, тогаш како премиер и главен преговарач со Србија, во Брисел го потпиша договорт за формирање на Заедницата на општини со мнозинско српско население во Косово.
Порано денеска премиерот Хоти, на трибина на граѓанскиот сектор посветена на дијалогот со Србија, порача дека ЗСО нема да добие извршни надлежности и дека секој договор што ќе се постигне со Белград ќе биде во рамките на Уставот и во ниту еден случај нема да се преговара за територијалниот интегритет и суверенитетот на Косово.
– Не преговараме за креативни решенија, туку за меѓусебно признавање на двете држави. За територијалниот интегритет на Република Косово не може да се преговара. Тоа прашање не е спомнато на ниту една дебата на која јас сум учествувал. Договорот и процесот треба да завршат со нормализирање на односите меѓу двете држави, што значи со меѓусебно признавање, порача Хоти.