Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, по вчерашното апсење на двајца функционери на Министерството за индустрија, претприемништво и трговија (МИПД) и еден бизнисмен близок до власта поради сомневања за злоупотреби со набавки за државните резерви, побара свикување вонредна седница на Собранието на Косово, со цел да се урне Владата предводена од Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според поранешниот премиер, смената на Курти е „единственото решение за спас на земјата“, со создавање влада на националното единство до новите парламентарни избори.
– Имајќи предвид дека имаме работа со човек кој е болен за власт, неодговорен и несовесен, а кој не поднесува оставка, неопходна е мобилизација на сите оние кои ја сакаат татковината и кои ги претставуваат интересите на земјата и на граѓаните, без партиски разлики. Свикувањето седница за разрешување на владата преку изгласување недоверба е единственото решение за спас на земјата и отворање на патот за една влада на националното единство и нови избори, напиша Харадинај на неговиот Фејсбук.
Според него, Курти води борба против правниот систем и против медиумите во државата чиј премиер е тој самиот, со цел да ги заштити своите, како што вели „пајташи во криминалот“.
– Каков е овој премиер кој се бори против правниот систем во сопстената држава и ги брани своите „пајташи“ во криминалот! Каков е овој човек кој ги напаѓа медиумите на државата чиј премиер е самиот, само поради тоа што му ги откриваат кражбите и пријателите арамии! Овој човек кој крадењето на лебот на граѓаните се обидува да го покрие со „прекланскиот снег“! Што друго треба да се случи за вие кои гласате, кои имате глас, имате памет и срце и кои го сакате Косово, да се уверите дека разрешувањето на овој човек денес е национална должност, порача Харадинај.
Во синоќешното видео-обраќање по повод аферата со државните резерви, откриена по објавувањето на прислушувани разговори меѓу сега уапсените функционери на МИПД, премиерот Курти рече дека во неговата влада нема злоупотреби и корупција, туку, како што рече, „корумпирани се старите политчки елити“, како и судовите, обвинителствата и медиумите кои го штитат криминалот.