Косовскиот премиер Рамуш Харадинај синоќа повтори дека и покрај притисоците од официјален Вашингтон, таксата од 100 отсто на увозот на стоки од Србија и Босна и Херцеговина ќе остане во сила, се додека Белград не го смени „агресивниот и деструктивен однос кон Косово“.
Одговарајќи на новинарско прашање за последното барање на Американската амбасада во Приштина за укинување на таксата, Харадинај рече дека неговата Влада е „заинтересирана за укинување на таксата, под услов Белград ја ја признае независноста на Косово“.
– Ако Белград вели дека никогаш нема да го признае Косово, тогаш и ние може никогаш да не ја укинеме таксата на српскиот увоз, им изјави синоќа Харадинај по посетата на градежната компанија „М-Текнолоџи“ во приштинската населба Лебане.
Според косовскиот премиер, на средувањето на економските односи меѓу двете земји треба да им претходи еден политички договор.
– Ние сме влезени во некои други политички димензии во Косово, што значи дека оваа година поголемиот дел од времето ќе го посветиме на економијата. Економските односи Косово-Србија се значајни, некогаш и ќе се средат, но треба да им претходат и политичките односи. Отворени сме, значи заинтересирани сме да ја повлечеме таксата доколку има готовност за средување на политичките односи меѓу Косово и Србија, што подразбира и признавање на нашата независност, изјави Харадинај.
Американската амбасада во Приштина вчера преку соопштение повторно побара од Владата на Харадинај да ја укине таксата на увозот од Србија и БиХ, порачувајќи дека таа е спротивна на стратешките интереси на САД.