Официјална Атина смета дека нема потреба од трилатерална средба на министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Димитрис Аврамопулос и Никола Попоски, со еврокомесарот за проширување Штефан Филе, соопшти грчкото МНР.
– Грчката страна го очекува претстојниот состанок на претставниците на двете земји со медијаторот Метју Нимиц во Њујорк на 29 и 30 јануари, за да се утврди во која мера постојат изгледи за напредок, и според тоа во оваа фаза нема потреба од средба на Филе со двајцата министри, се вели во писмената изјава на портпаролот на МНР на Грција Григори Делавекурас.
Грција, како што се наведува, во принцип не е против средби, но под услов тие да се добро подготвени и да гарантираат суштински резултат.
– Треба да се нагласи дека преговарачкиот процес што го води Метју Нимиц е реактивиран благодарение на грчката иницијатива, и не е поврзан во никој случај со Европската унија и нејзините органи, туку се одвива врз основа на резолуциите на Советот за безбедност на ОН, стои во изјавата на Делавекурас.
Во писмото одговор што Аврамополус го испратил до Филе му укажал дека „во следниот период треба максимално да се искористат постојните канали на комуникација и соработка меѓу претставници на грчкото Министерство за надворешни работи и Европската комисијата со цел Комисијата да биде целосно во тек со преговорите под покровителство на ОН со оглед на тоа дека решение за прашањето за името сега претставува предуслов за старт на преговори за членство на ПЈРМ во ЕУ“.
Еврокомесарот за проширување Штефан Филе во писма упатени до шефовите на дипломатиите на двете земји, Попоски и Аврамопулос, предложи трилатерална средба, со цел Европската комисија да има директен увид во процесот на преговорите за името и да се надградат заклучоците за Македонија од декемврискиот Совет на ЕУ.
Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски вчера го оцени предлогот на Филе како позитивен и добредојден, и како можност за дополнително градење доверба меѓу двете земји.