Грчките медиуми одбројуваат до телефонскиот разговор Заев – Ципрас

Од:

Грчките медиуми во денешните текстови за прашањето за името акцентот го ставаат на очекуваниот телефонски разговор меѓу двајцата премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев. Телефонскиот разговор, според новинарите во Грција би требало да се случи во текот на денешниот ден.

– Алексис Ципрас очекува телефонски повик од неговиот колега Зоран Заев, а кругови од Министерството за надворешни работи даваат 90 отсто веројатност тоа да се случи денеска. Владини извори за реал.гр велат дека се „наоѓаме во крајната фаза“ и „очекуваме да видиме дали премиерот на ПЈРМ ќе го каже конечното да за да има напредок“, пишува порталот Реал.

– Еден телефонски разговор ги дели Ципрас и Заев од договор за името. Телефонски повик што веројатно ќе се оствари денеска за да се закаже тет-а-тет во Преспа, пишува онлајн изданието на весникот „Та неа“.

– Следниот, очекуван чекор е телефонски разговор меѓу двајцата премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев, што може да се оствари дури и во следните часови, пишува „Катимерини“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, завчерашната прес-конференција на македонскиот премиер, вчерашните ставови на Заев од собраниската говорница, позицијата на претседателот Иванов и утрешниот протест на ВМРО-ДПМНЕ, се дел од темите во грчките медиуми, во однос на македонско – грчките односи.

Последните случувања на релација Скопје- Атина, постојано се во фокусот на медиумите во Грција, а новинарите прогнозираат, повикувајќи се на свои извори дека „Република Северна Македонија“ е името кое што е во предност во однос на останатите предлози на медијаторот („Република Нова Македонија“, „Република Горна Македонија“, „Република Вардарска Македонија“ и „Република Македонија (Скопје)“ – предлог одбиен од грчката страна).

Сепак, исто како и од македонска, така и од грчка страна нема официјална потврда кое е името за кое што се согласиле двете земји.

Според медиумите кај јужниот сосед, доколку телефонскиот разговор меѓу Заев и Ципрас има позитивен исход, тогаш договорот, веројатно, би се потпишал во Преспа (на грчка територија).

– Средбата веројатно би била во Преспа, но никој не може со сигурност да одреди кога би се случила. Некои исклучуваат тоа да биде во следните денови, бидејќи премиерот на ПЈРМ треба да ја подготви опозицијата во неговата земја, други пак веруваат дека ќе се одржи следниот викенд, а некои други дека ќе биде по 21 јуни, кога ќе се одржи критичниот состанок на Јурогруп за долгот и завршување на грчката програма, пишува информативниот портал „Њуз247“.

„Катимерини“ коментира дека Заев и Ципрас, би се сретнале најдоцна до средината на јуни, односно пред Самитот на ЕУ на 28 и 29 јуни, но дека се уште не е позната локацијата каде што би се одржала средбата.

Сепак, медиумите во Грција коментираат дека едно е потпишувањето, а друго спроведување на договорот. Според написите на грчките новинари, Атина бара македонската страна да заврши со сите обврски, па потоа евентуалниот договор да се ратификува во грчкиот парламент, односно прво да се заврши со референдумот, а потоа договорот да добие зелено светло од грчките пратеници.

Би можело да ве интересира

Дендиас за меморандумите со С. Македонија: Секоја грчка Влада оценува што е во нејзин интерес

Ана Ололовска

Варвициотис: Ако се врати националистичката реторика кај соседите, ќе ја редефинираме позицијата за евроинтеграцијата

Ана Ололовска

„Жито Лукс“ се правда: Зборот Македонија е избришан поради унифицирање на името на фирмата дома и во странство

Маја Илиевска-Пачемска

„Жито Лукс“ ја избриша Македонија од Статутот, купувачите најавија бојкот на производите до банкрот на компанијата

Маја Илиевска-Пачемска

ВИДЕО: Димитров сугерира разрешување на Мизрахи, Министерството не е нејзин приватен стан

Ана Ололовска

На бугарскиот граничен премин „Ѓуешево“ се уште се користи „ПЈРМ“

Драган Поповски