Oд овој петок, па сѐ до крајот на август, сите затворени комерцијални простори, вклучувајќи ги баровите, кината и театрите, ќе им бидат достапни само на луѓето кои се вакцинирани против коронавирусот, најави премиерот Кирјакос Мицотакис.
Втората голема новина која ја најави Мицотакис во телевизиското обраќање до нацијата е тоа дека здравствените работници во Грција кои ќе одбијат да ја примат вакцината, ќе бидат суспендирани.
Вработените во домовите за стари лица кои нема да имаат закажан термин за вакцинација ќе бидат суспендирани, а тоа од септември ќе важи и за персоналот на државните и приватните болници.
„По една и пол година, никој веќе не може да тврди дека коронавирусот му е непознаница“, рече Мицотакис во телевизиско обраќање до нацијата.
„Земјата ќе биде повторно заклучена поради ставот што го зазеле одредени луѓе… опасноста не е Грција, туку невакцинираните Грци“, рече грчкиот премиер.
Рестрикциите ќе се применуваат ширум земјата и во сите најважни туристички дестинации во Грција.
Франција е уште една европска држава која денеска најави слични мерки – претседателот Емануел Макрон, во свое обраќање кон Французите, рече дека во земјата ќе биде задолжителна вакцинацијата за медицинските лица.