Макрон најави задолжителна вакцинација за медицинскиот персонал

Од:

Францускиот претседател Емануел Макрон, во обраќање до нацијата, соопшти дека вакцинацијата за негувателите и медицинскиот персонал ќе биде задолжителна, а најави и воведување други мерки за борба против епидемијата.

– Вакцинацијата ќе биде задолжителна за сите оние кои ќе бидат во контакт со луѓето од ризични групи, најави Макрон и предупреди дека од „15 септември ќе се вршат контроли и ќе се преземаат санкции“.

Тој рече дека земјата се соочува со „силно обновување на епидемијата што ги зафаќа сите територии“, објаснувајќи дека „појавата на варијантата Делта резултира со зголемување на бројот на инфекциите во светот“.

– Ако не реагираме денес, бројот на случаи ќе продолжи да се зголемува и хоспитализациите ќе растат од август. Имаме главно средство: вакцината. Тие нè штитат солидно од Делта варијантата и спречуваат 95 отсто од тешките форми. И да резимираме: Колку повеќе вакцинираме, толку помалку простор ќе оставиме за ширење на вирусот, толку повеќе ќе избегнеме хоспитализации, истакна Макрон.

Тој смета дека треба да се постави прашањето за задолжителна вакцинација за целото население, и ги повикува сите Французи да се вакцинираат што е можно поскоро.

– Ве чекаат девет милиони дози. Вакцинирајте се, тоа е единствениот начин да се заштитите себе и да ги заштитите другите, рече Макрон.

Тој најави дека од почетокот на септември ќе почне кампањата за трета доза за вакцинираните во јануари и февруари. Исто така, на почетокот на учебната година кампањи за вакцинација ќе има и за учениците од основно и средно образование.

– И покрај вакцината, ве замолувам сите да продолжите да бидете внимателни и да продолжите да ги почитувате мерките за спречување на вирусот, истакна Макрон.

Тој рече дека од почетокот на август, здравствениот пасош ќе важи за кафулињата, рестораните, трговските центри, болниците, домовите за пензионери, но и во авионите, возовите и автобусите за долги патувања. Притоа, појасни дека „само вакцинираните и тестираните кои се негативни ќе можат да пристапат до овие места без оглед дали се клиенти, корисници или вработени”.

Како новина од оваа есен спомена дека ПЦР тестовите ќе се плаќаат освен ако не ги препише лекар“.

Емануел Макрон го започна својот говор пред Ајфеловата кула, осврнувајќи се на целиот тек на пандемијата во Франција.

– Како од почетокот на пандемијата, сакам да зборувам директно со вас. Каде сме ние во нашата борба? Благодарение на исклучителната посветеност на негувателите и медицинските работници, успеавме да ја контролираме епидемијата и повторно да .живееме. Успеавме во текот на изминатите две недели да одиме под 2.000 инфекции на ден. Хоспитализациите и смртните случаи се на најниско ниво. Животот можеше да продолжи затоа што се организиравме, нагласи Макрон.

Во однос на економијата, Макрон рече дека се заштитени бизнисите, работните места, се отвориле 187.000 нови работни места од почетокот на годината, а е зачувана и куповната моќ на Французите. За 2021 година, тој предвидува раст од шест отсто.

Би можело да ве интересира

Ле Дриан: Ќе треба време да се излезе од француско-американската криза

А1он

Данска ги поддржа САД во спорот со Франција за подморниците

А1он

Нови навивачки инциденти во францускиот фудбал

А1он

Французинка осудена на 18 месеци затвор за фалсификување ковид пропусница

Ана Ололовска

Сиромашните земји ги обвинија богатите за нерамномерна распределба на вакцините

Ана Ололовска

Морисон: Австралија трпеливо ќе ги гради односите со Франција

Ана Ололовска