Неколку стотици објекти се поплавени, загрозеното население е евакуирано во западниот дел на Босна поради излевање на неколку реки, а состојбата од ден на ден се влошува поради обилните дождови кои продолжуваат да паѓаат.
Најлоша е состојбата во Бихаќ и во Босанска Крупа, каде покрај зградите поплавени се и неколку патишта, па граѓаните се отсечени. Водите се излеајaа во поголемиот дел на Босанска Крупа, како и во нејзиниот центар, каде беа поплавени бројни семејни куќи и објекти. Состојбата дополнително ја влошуваат подземните води. Сите граѓани во критичните подрачја се евакуирани, известија од тамошниот кризен штаб.
Патиштата се затворени за сообраќај, а спасувачките чамци се во подготвеност во сите критични области.
На подрачјето на Бихаќ поплавени се 300 објекти, изјави за Дневни аваз градоначалникот на тој град Елведин Седиќ.
Посочи дека Уна е излеана, а најавата за нови врнежи создава дополнителни грижи. На неколку места се градат насипи.
Во населбата Буковље во Велика Кладуша отсечени се неколку куќи. Поради големите врнежи, локалните спасувачки служби не можат да му помогнат на загрозеното население.
Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина денеска има итна седница, а се очекува да се донесат одлуки за давање помош за поплавите на населението.