Германски печат: Западен Балкан бeше „запоставен“ регион пред војната во Украина

Од:

Во пресрет на Самитот на ЕУ и Западен Балкан во Тирана, германскиот печат најмногу простор посвети на темата миграција – односно обидот на Брисел да ја блокира балканската рута, но и за односите меѓу Белград и Приштина.

(Александар) Вучиќ е „познат како човек кој сака да драматизира“ во Брисел, пишува Зидојче цајтунг. „Затоа никој не го сфати сериозно минатата недела кога најави дека нема да учествува на самитот на ЕУ и Западен Балкан во Албанија овој вторник“.

Наведувајќи дека во Тирана ќе се „подвлече“ перспективата на земјите од Западен Балкан, минхенскиот весник пишува дека и ЕУ има свои барања, особено од Вучиќ: „Станува збор за прашањето за миграцијата – тема која неодамна предизвика многу немири во ЕУ“.

Се потсетува дека Европската Комисија веќе презентираше акционен план за борба против миграцијата преку балканската рута. Весникот Франкфурте алгемајне цајтунг посочува дека Европската Комисија јасно им наредила на земјите од регионот да ја усогласат својата визна политика со ЕУ и да овозможат распоредување на граничари на Фронтекс.

„Посебно Србија драстично го кршеше тоа барање“, пишува весникот. „По заканата дека самата Србија ќе го загуби безвизниот режим, Белград ги промени правилата за патување за граѓаните на Тунис и Бурунди, а истото го вети и за Индија“.

Се додава дека ЕУ сака граничари на Фронтекс на границата меѓу Србија и Унгарија, но и меѓу земјите од Западен Балкан. „Европската комисија на тој начин сака да ги зајакне границите пред заговараното проширување на Шенген зоната во Бугарија, Хрватска и Романија.

„Српскиот претседател и пријател на Путин се заканува дека ќе ги попречи плановите на канцеларот Шолц за регионот на самитот ЕУ-Западен Балкан“, пишува Велт пред самитот.

Во текстот се наведува дека Западен Балкан бил „запоставен“ регион пред војната во Украина: бавен процес на пристапување во ЕУ, корупција, национализам, руско и кинеско влијание… „А Запад? Се чинеше дека не разбира дека во својот центар има слаба точка“, пишува Велт. Но, војната во Украина, додава весникот, го привлече вниманието на Западот кон овие невралгични точки. Се проценува дека канцеларот Олаф Шолц ги презел работите во свои раце и се потсетува на неговите изјави дека Западен Балкан треба да биде примен во ЕУ. Шолц присуствува на самитот во Тирана.

„Првиот конфликт веќе се наѕира. Причината е најголемата и најважната земја на Балканот: Србија“, пишува Велт за претходните најави дека српскиот претседател Александар Вучиќ би можел да го бојкотира самитот во Тирана. „Очигледно, претседателот опипува колку простор за маневрирање има“, пишува весникот.

Како причина се наведува незадоволството од политиката на косовскиот премиер Албин Курти, а се истакнува и дека Србија не ја признава независноста на Косово, но дека „без решение на конфликтот нема влез во ЕУ“. Неодамна, додава весникот, Париз и Берлин предложија решение слично на договорот од 1972 година меѓу двете Германии.

„Ова фактичко – но не и правно – признавање треба да ги подобри српско-косовските односи и да го приближи регионот до ЕУ. Но, прашање е дали тоа е воопшто пожелно во Белград. „Вучиќ води политика која осцилира меѓу Западот и Истокот“, наведува Велт. „Во својата земја тој де факто владее сам.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Тројца тинејџери уапсени во Германија под сомнение дека планирале напад

Спречен терористички напад во Германија

Германски медиуми: Во Европа откриено складиште за оружје на Хамас

Германија: Стапи на сила законот за декриминализирање на поседувањето канабис

Над 20 повредени во нова автобуска несреќа во Германија-патниците биле средношколци

Горан Наумовски

Истрага против возачот на превртениот германски автобус во кој имаше загинати и повредени