Ал Џезира Балкан – Сараево
Понекогаш вистината ни гледа право во лица. Токму тоа се случува при секоја проверка на потеклото, клучните зборови, кои често и премногу често асоцираат на провокативното прашање: „Што е постаро: кокошката или јајцето?”.
Меѓутоа, ова мислење не е посветено на потеклото на животот. Нема мотиви ни да се зборува и прераскажува потеклото на видовите иако во истоименото дело на Чарлс Дарвин се потенцира дека „човекот со своите благородни особини, уште во својата тесна рамка носи неизбришлив печат на своето пониско потекло”.
Значи темата не е причината туку методите и последиците од тоа што претставуваат наследните т.н. хаплогрупи, најзначајна алка во толкувањето на прастарото потекло на сите, па и на балканските народи.
Вистина за 100 долари
Биолошкиот мит е запишан во гените. Во наследната материја, за која планетарно славниот Мет Ридли, во светскиот бестселер Геном, преведен на 50 јазици, смета дека претставува „еден вид на автобиографија на човековиот вид”.
Вечната мистерија, која подеднакво интригира колку и што иритира, без оглед на тоа што во почетокот на третиот милениум ширум планетата постои нова, сурово прецизна научна метода за утврдување на личното прапотекло.
Условите се, мнозински, пристапни. Се што е потребно е да се оди на сајтот на неколку компании, кои се занимаваат со оваа работа, да се уплатат 100 долари и да се прати примерок од брис на плунка во епрувета. По неколку недели ќе добиете на меил еден поголем документ, кој содржи податоци за вашите гени.
Сосема е доволно што соочувањето со својот најдалечен родослов може да почне, со конкретно и генерациски долго посакуваното објаснување од кој дел на Европа, Азија или Африка потекнува одреден процент на вашите гени и каде во текот на миграциските епохи се движеле вашите предци.
Интересот ги надмина сите претпоставки. Се разви генетска географија, специјална врска на историјата и праисторијата, како функционално така и со мапирање. До сега над еден милион луѓе од разни држави ги направиле овие тестови и денес се стекнува доволен примерок, врз чиј основ е направена и „генетската мапа на Европа”, која ја вклучи и генетската мапа на Балканот. Првпат е добиена реална, научно докажана слика за тоа кои се и од каде дошле Босанците, Србите, Хрватите, Македонците или Албанците.
Оваа мапа почна да се шири со брзина на светлината. Посебно е популарна во националистичките интернетски форуми, на кои не престануваат да се пишуваат лавина од жестоки коментари кај тие кои не знаат дека нацијата не е биолошки, т.е. генетски, туку културолошки феномен.
Препукувањата биле очекувани со оглед на тоа дека досегашните резултати за потеклото на балканските народи се темелеле на историски документи и сега е непотребно секој балкански народ да цитира некој свој историчар, кој наводно има доказ дека тој народ е најстар, а сите други се настанати од нив.
Меѓутоа и без нив многу луѓе ги знаат семејните генералии, за местото на раѓање на родителите и нивните најблиски претходници. Но, кога ќе се постави прашањето по кој континент одел вашиот прапредок, само помалку посрамено се слегнуваат рамената иако сите информации се достапни на сајтот на Eupedija, најголема независна организација посветена на собирање на анализите од генетиката и потеклото на народите на Европа.
Балканска „чорба од зеленчук”
Балканската мешавина во наследството не е ништо необично, иако Карл Воуз во рекордно цитираната книга Proceedings of the National Academy of Science of the USA, упорно убедува дека „животот има физичка, а не историја на родословот”. Тоа, сепак, не е утеха за Балканците, бидејќи од гледна точка на генетиката, не постојат типично српски, хрватски, босански, македонски или албански гени. Тој линеарен јазик е напишан во права линија.
Или поедноставено, кажано со кулинарски речник, сите ние сме некаква „чорба од зеленчук”, кој е исецкан и помешан. Секако, зеленчукот се хаплогрупите. Разликата е што кај некој беќар-гулашот има малку повеќе моркови, а кај друг малку повеќе целер. Но, ниту еден народ не може да тврди за себе дека е стриктно „чорба од моркови” бидејќи во себе содржи премногу други состојки, па уште и секакви зачини. А разните зачини и додатоци се неизбежен камен од кој се сопнуваме.
Така барем во еден глас тврдат Бојана Паниќ и Ана Бањац Чанак, докторки од ДНК центарот за генетика во Белград. По секојдневните анализи на Y-хромозомите, со чија помош се составуваат семејните стебла, но помагаат и на полицијата, за весникот 24 Сата потенцираа дека: „Многу е тешко да се биде прецизен и да се каже од каде потекнуваат на пример Србите, бидејќи секој балкански народ претставува мешавина од различни народи”.
Меѓутоа, што вели М. Котлер во Bulletin of the History of Medicine, нема поголемо слепило од тоа кога нешто не сакаме да видиме. Веројатно затоа балканската мртва трка за потеклото на народите е одлучена дури во генетскиот фотофиниш.
Според молекуларно-биолошките анализи, генетската мапа која е обелоденета во Европа фрла целосно ново светло на вековната расправа и донесува неколку интересни, непобитни факти. Што се однесува до балканските народи, главна вест е дека некои поголеми меѓусебни разлики не постојат. Србите и Македонците се речиси идентични (96 отсто), а Босанците и Србите исто така. Хрватите имаат малку поголем процент на гени од западна Европа, но во споредба со останатите хаплогрупи ни кај нив нема некои големи разлики.
Албанците се исклучок. Хаплогрупите E2 и Е3 се најраспространети во северна Африка, поточно во Мароко и Алжир. Во Европа се појавуваат дури во последните 2000 години, како и најзастапената хаплогрупа кај косовските Албанци. Тие хаплогрупи ги има во помал процент и кај Србите од југот на Србија и Косово.
Неподготвени за ладниот туш, балканските националисти се многу зачудени. Најблаго кажано, збунети.
Точка на истражувањето не е ставена, но со промоцијата на најновото откритие генетиката понуди конкретни докази кои ги бришат сите дилеми за потеклото на Албанците, Босанците, Црногорците, Србите, Хрватите и Македонците. Конечно е докажано дека народните легенди често се празноверие.
Така на Србите во биолошкото братство најблиски им се Хрватите, Босанците, Унгарците, Романците, Бугарите, потоа во поширок круг Чесите, Словаците, Пољаците, Австријците, Грците, Италијанците, Германците, а многу оддалечени во европски рамки им се Русите и на пример Молдавците.
Тоа значи дека на Србите генетски им е поблизок секој Пољак од безмалку секој Русин, иако спротивното за Србите е неостварена привлечна, но пуста желба. Парадоксалната српската желба за преземање на пастирскиот стил на живот звучи речиси како ересот на Ламарк, според кој ковач чии раце во текот на животот станале силни, треба да има деца со силни раце, што е пример дека волјата неуспешно, дури ни со притисоци не успева да го смени генетскиот код.
Меѓутоа, очигледно е дека идеолошката блискост со некои политички проекти кај поединци ја надминува генетската блискост. И тука нема ништо спорно, освен што тие поединци на кои идеолошкото братство им е поважно од генетското, некако баш сакаат да го измислуваат и да го потенцираат генетското братство кое го нема, за да ја замаскираат наводната идеолошка пристрасност и полесно да ја продадат својата приказна темелена на невистини.
Слично звучи изјавата на „браќата Хрвати” која често се слуша во Србија во позитивен, но и во ироничен контекст. Но, оваа изјава е потврдена како правило кога се работи за генетскиот код на двата народа, што е едно од резимеата на шест годишното истражување на ДНК профилите на настраданите жртви жители на Балканот, кое го спроведе Институтот за судска медицина во Скопје и по којзнае кој пат ја докажа генетската сличност на балканските народи.
„Анализата на добиените податоци покажа дека жителите на Македонија имаат најсличен ДНК профил со Бугарите и Србите, Хрватите со Босанците и Србите” – повтори др. Златко Јаковски од овој Институт, чии резултати се употребуваат за сите кривични истраги за жртвите од овие простори.
Урнат е митот за големата преселба на Словените
Секако, како и секогаш до сега, науката е најдобар лек против догматизмот, лагите и манипулациите од секаков вид. Сепак, треба да се знае дека генетските мапи не се толку јасни како лингвистичките, но се посуптилни. На таков заклучок упатуваат сознанијата од женевската Igenea, дополнета со домашни истражувања.
Тие го урнаа повеќедеценискиот мит за преселбата на Словените во балканскиот пустош, бидејќи словенскиот ген е малку изразен кај сите денешни народи на Балканот, вклучувајќи го и скромниот процент на потомците кај Србите (30 отсто), кај Хрватите (20 отсто) и Босанците (15 отсто). Кога се ќе се собере и одземе, сугерира проф. Омер Ибрахимагиќ, „Босанците и Херцеговците во најголема мера се наследници на Илирите (40 отсто), Германите (20 отсто) и Келтите (15 отсто), па дури потоа Словените (10 отсто)”.
Значи, клучот за разбирање на историјата на Босна и Херцеговина не е во словенската туку во илирската ера, во генетски помешаните крвно-сроднички хаплогрупи, многу слични за Хрватите и Босанците. Според хаплогрупите, на Турците двапати им се поблиски Албанците од Србите и Македонците, а најдалечни Босанците.
И тоа не е се. Ниту еден народ нема единствена хаплогрупа. Сите ние помалку сме „тие”. Затоа на сите биолошко-медицински студии се учи една анатомија, физиологија, патологија, физикална медицина и рехабилитација.
Иако ни хаплогрупите немаат конечни изданија.