За Јосип Броз Тито постојат бројни теории за тоа кој всушност бил тој, кои се неговите родители, што се работел, како и каде починал и на кој начин е погребан. Ова се дел од нив кои со тек на годините се објавувани во медиумите ширум поранешна СФРЈ.
По погребот на Јованка Броз повторно станаа актуелни теориите на завера според кои „најголемиот син на југословенските народи и народности“ не е погребан под големите мермерни плочи во Куќата на цвеќето во Белград.
Приказната дополнително „се разгоре“ со објавување на изјавата на инженер Драгомир Гавриловиќ, дека Тито всушност е погребан два пати, еднаш за камерите, а вториот пат навистина.
ЦИА во своите истражувања заклучи дека Тито во ниту еден случај не бил Југословен, бидејќи никогаш не го научил мајчиниот јазик, српско-хрватскиот.
Син на индустијалец?
Најбројни се теориите за неговото потекло. Според една од нив , тој бил вонбрачно дете на мајка му Марија и извесен Самуел Мајер, полски Евреин и успешен индустријалец од Виена, кај кого Марија повремено работела.
Тврдењето дека Тито има еврејски, а не хрватски корени го изнесе и неговиот личен лекар Александар Матуновиќ во својата книга „Јованка Броз- Титова совладарка“ која неодамна е објавена во Белград, но тој за своето тврдење нема никави докази.
Дали Тито бил Хабзбург?
Според друга теорија Тито бил вонбрачно дете на Франц Хабзбург и собарицата Марија од Полска, која работела во неговиот дворец, а роден е во Виена на 16-ти јуни 1892 година.
Во повеќе теории се наведува дека бил масон, но има и такви според кои бил член на Ватиканската тајна ложа. Имено Ватикан го финансирал Тито со цел да се маргинализира Српската православна црква. Парите му биле доставувани преку една швајцарска банка, која перела пари на нацистичка Германија. Овој пат теоретичарите на завера одат во детали, па го наведуваа дури и бројот на банкарската сметка, која што била на име Валтер Вајс-Тито.
Тито бил Евреин Амброз?
Јосип Броз Хрват бравар кој немал еден прст починал во 1913 година и никој не го знаел како Тито. По Првата светска војна наводно имало повеќе комунисти со тоа име. Но оној кој нас не интересира и кого го знаеме како претседател на поранешна СФРЈ , е всушност Евреинот Јосип Амброз.
-Тој е всушност Јосип Амброз кој во военото училиште во Печуј ќе го преземе идентитетот на Јосип Броз Хрватот, кој е роден во Виена, а почина во 1913 година- наведува Предраг Анѓелиќ автор на книгата„Тајно досие – Јосип Броз“.
Јосип Амброз го зел идентитетот на Хрватот за да се уфрли меѓу југословенските народи и народности. Она што е особено интересно за оваа теорија е тврдењето дека дотичниот Јосип Броз во Првата светска војна се „прославил“ по своите злосторства над српските војници и цивили во Подриње и Мачва.
Во една прилика Владимир Дедијер ќе изјави дека Тито избегнувал да зборува на прашањата за неговото учество во Првата светска војна.
Поборниците на оваа теорија како доказ го наведуваат и податокот дека пред самиот крај на Втората светска војна, кога Вјекослав Сервеци и Славко Станцер како усташки офицери се предале на Милан Баста, комесарот на 51-та војводинска партизанска дивизија, тие барале да се сретнат со Броз. Кога Милан му јавил на Амброз кого има во свои раце и што тие бараат, Тито одговорил да ги стрелаат под итно. Се претпоставува дека тие биле негови соборци од претходната војна и едни од оние кои го знаеле неговиот вистински идентитет.
Сите овие теории за неговото потекло се потврдени со тврдењето дека во родниот Кумровец не го препознал братот на вистинскиот Јосип Броз.
Тито бил масон?
Во повеќето од овие теории се наведува дека Тито бил член на тајната организација позната како Слободни ѕидари или Масони. Броз наводно бил член на загребската масонска ложа „Максимилијан Врховец“, а неговите масонски „браќа“ во медиумите му давале невиден публицитет, во тек на „бомбашкиот процес“ кога пред судот на Кралството Југославија неочекувано признал дека е член на КПЈ.
Поборниците на оваа теорија сметаат дека не треба да бидеме изненадени зошто по доаѓањето во Белград, во мај 1941 година Тито бил сместен во една од вилите на Дедиње, која што му припаѓала на Владимир Рибникар, Евреин, масон и сопственик на „Политика“. Оваа вила се наоѓала до Германскиот главен штаб, а самиот Броз наводно се фалел дека тој и неговите соборци, без страв пред носот на непријателот планирале акции против окупаторот.
Во поглед на сомнежот дека Тито бил масон се наведува и неговиот идиличен однос со Винстон Черчил, кој наводно бил масон од 33-ти степен.
Тито троен агент?
Според некои приказни по загинувањето на „најголемиот син на југословенските народи и народности“, Коминтерната на негово место поставила двојник кој бил шпион. И тука постојат повеќе теории, па според една Тито загинал во Русија во 20-тите години од минатиот век, а според друга загинал во битката на Сутјеска, но и во двете теории тој е заменет со советски агент.
Интересна е и тезата на Момчило Јокиќ дека Тито бил троен агент. Имено покрај Сталиновата НКВД, Јокиќ тврди дека Тито работел и за Британски „Интелигент Сервис“, во кој го вовел вајарот Антун Аугустинчиќ, но и за германски „Абвер“.
Тито го планирал распадот на СФРЈ?
Неодамна одредени хрватски медиуми објавија дека Јосип Броз Тито со помош на највлијателните словенечки и хрватски комунисти, намерно работел на уривање на СФРЈ и создавање на независни републики уште од почеток на шеесетите години од минатиот век.
„Јутарњи лист“ како главна тема го изнесе тврдењето од најновата книга на најпознатиот хрватски историчар Душан Биланџиќ, во која некогашниот „комунистички историчар“ наведува дека Тито уште во 1962 година сфатил дека Југославија како концепт не може да опстане и дека со своите најблиски соработници, Словенецот Едвард Кардељ и Хрватот Владимир Бакариќ ја насочувал Југославија кон распад, кога тоа ќе го дозволат меѓународните околности.
Оваа идеја е запишана во Уставот на СФРЈ од 1974 година, каде што е прецизирано дека југословенските републики имаат право на самоопределување и отцепување. Арбитражната комисија на Бадинтер на почеток на деведесетите години врз основа на тој Устав, утврдила дека југословенските републики имаат право на меѓународно признавање, без примена на границите од АВНОЈ.
Душан Биланџиќ ги објавил тајните записи од седницата на Извршниот комитет на ЦК СКЈ од 15-ти до 17-ти март 1962 година, на која наводно дошло до судир на концептот за зачувување на единствена Југославија за која се застапувал првиот српски комунист Александар Ранковиќ и концептот на Кардељ за постепен распад на државата. Перо Симиќ, автор на книгата „Тито-тајна на векот“ вели дека во 1962 година, Тито за последен пат официјално ја подржал идејата за цела Југославија, но дека од тогаш тргнал во друг правец.
-Тој тогаш декларативно го подржа Ранковиќ. Но, Кардељ и Бакариќ тогаш започаа да ги развиваат своите амбиции, кои непречено можеа да се спроведуваат од 1966 година и падот на Александар Ранковиќ. Брионскиот пленум всушност го означи и крајот на идејата за единствена Југославија- тврди Симиќ.
Тито починал како муслиман?
Ова тврдење го потврдиле повеќе извори, а еден од нив е и личниот секретар на Тито, Берислав Бадурин кој изјавил дека Броз починал како муслиман, читајќи го Коранот по трет пат.
– Се сретнав со него како студент во Каиро. Студирав на исламско-теолошкиот универзитет„ Ал Азхар“. Бев професор во југословенското дополнително училиште, кога прв пат се сретнавме.Тито дојде во нашиот клуб, Клуб на Југословени и ни рече да го учиме арапскиот јазик, бидејќи тоа е јазик на иднината- вели белградскиот муфтија Хамдиј Јусуфспахиќ, кој ја потврдува приврзаност на Тито до исламот.
Тој раскажува и дека многу години Тито кај него често се распрашувал како и колку пати дневно се молат муслиманите, а најчесто разговарале за тоа како тие го замислуваат Господ.
Како уште еден доказ за ова тврдење се наведува и фактот што на титовата надгробна плоча се наведени само неговото име и презиме и годините на раѓање и смрт.
Тито ја продал југословенската вселенска програма?
Покрај теориите за неговото вистинско потекло, на оваа листа се наоѓа и онаа која тврди дека Југославија имала вселенска програма, која Тито им ја продал на Американците. Така барем тврди словенечкиот режисер Жига Вирц во документарецот „Хјустон, ние имаме проблем“. Според тврдењата на овој автор Американците никогаш не би ја посетиле Месечината да не бил Тито.
Вирц тврди дека Тито во воената база во Жељава го изградил најголемиот таен подземен вселенски центар во Европа, наречен „Објект 505“ во кој Југославија наводно развила оперативна технологија за лет во вселената.
Тој наведува дека СФРЈ остварила брз напредок, базиран на тајни записи на пионерот на вселенската технологија Херман Поточник, чија што книга „За проблемот на вселенскиот лет- ракетен мотор“ напишана уште во 1928 година, се смета за темел на вселенската технологија во која детално се објаснети поимите вселенска станица, геостационарни орбити и слично.
Во замена за оваа програма Броз добил поддршка од Белата куќа, како и официјален финансиски надомест. Инаку во филмот помеѓу останатото се наведува и податок дека во еден момент на југословенската сметка се уплатени две ипол милијарди долари, пишува „Јутарњи лист“.
Е. Г.