Претставникот на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан Габриел Ескобар изјави дека очекува финализирање на анексот за спроведување на Договорот за нормализација меѓу Косово и Србија.
„Не сме фокусирани на потпишување, туку на финализирање на договорот“, рече Ескобар во интервју за Радио Слободна Европа.
Страните не можат да изберат што да спроведат, а што не од овој договор, рече Ескобар.
Како набљудувач, тој учествува на средбите меѓу премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ во Охрид, кои се со посредство на шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак.
„Работиме под сенката на една од најголемите безбедносни закани за европскиот континент од Втората светска војна“, рече Ескобар, алудирајќи на руската инвазија на Украина.
Во оваа смисла, рече тој, важно е нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија.
Во случај двете страни да не се договорат, тоа не би било чекор напред кон евроатлантските интеграции, изјави Ескобар.
Ескобар посочи дека „сите земји од регионот треба да се признаат меѓусебно и да имаат мирни односи“.
По повод формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово, Ескобар рече дека е малку веројатно таа некогаш да се трансформира во Република Српска (српски ентитет во Босна и Херцеговина), која постојано го доведува во прашање функционирањето на Босна и Херцеговина.
Ескобар посочи дека средбата на лидерите на Косово и Србија во Охрид е историска шанса, не само за двете земји, туку и за целиот регион.
„Ова е навистина можност да се оддалечиме од настаните од 90-тите и да се оддалечиме од настаните од 1999 година и да се преселиме во 21 век. Тоа е можност не само за Србија и Косово, туку и за регионот во целина рече Ескобар.