Ниту една сила не е над народот и одговорните за бунтот ќе го добијат неопходниот одговор, независно од тоа на која институција и припаѓаат, изјави рано изутринава турскиот претседател Реџеп Тајип Еродган во обраќање до нацијата од истанбулскиот аеродром „Ататурк“.
– Лицата одговорни за обидот за воен преврат ќе бидат најсурово казнети, порача Ердоган.
Тој нагласи дека обидот за воен удар бил насочен против единството и сполтеноста на нацијата, но бил спречен.
Ердоган во обраќањето повторно го обвини муслиманскиот проповедник Абдулах Ѓулен, кој се наоѓа во доброволен егзил во американската сојузна држава Пенсилванија, дека стои зад обидот за воен удар во Турција.
– Некои од војниците добивале наредби од Пенсилванија, истакна Ердоган, додавајќи дека обидот за воен удар претставува „предавство на татковината“.
Тој нагласи дека бунтот го извеле мала група офицери во армијата, кои неможеле да „го поднесат единството на земјата“.
– Владата и натаму функционира и земјата нема да им ја предадеме не окупаторите, истакна Ердоган, додавајќи дека обидот за воен удар ќе биде причина за прочистување на армијата.
Според него, во тек е апсење на многу офицери и на високи воен претставници.
– Јас ќе останам со својот народ и нема да одам никаде, изјави Ердоган кој околу три часот со авион слета на истанбулскиот аеродром, каде беше пречекан од стотици негови приврзаници.
Телевизијата НТВ јави дека досега се уапсени околу 80 учесници во пучот, додавајќи дека водач на обидот за воен удар бил Мухарем Ќосе, поранешен правник-консултатнт во турската Армија.
Агенцијата Андолија пренесе изјава на турскиот премиер Бинали Јилдирим дека кризата е надмината и дека Армиајта останува под контрола на началникот на Генералштабот на турските Вооружени сили, Хулуси Акар.
Но, и покрај оптимистичките изјави на властите дека обидот за воен удар е задушен, како што јави ДПА, судирите меѓу пучистите и силите лојални на Ердоган во Истанбул и Анкара продолжуваат.
ТАСС јави дека пучистите отвориле оган кон група луѓе кои се собрале пред Парламентот и заградата на Генералштабот во Анкара, при што се ранети неколку лица.
Агенцијата Анадолија јави и дека армиските сили лојални на организаторите на превратот фрлиле две бомби врз Парламентот во Анкара, при што се повредени најмалку 12 лица.
Според истиот, извор најмалку 17 полицајци загинале во судири со пучистичките сили во Анкара.
Западни медими јавуваат и за престрелки на мостот на Босфор, како и за вооружени судири на истанбулскиот плоштад Таксим, каде се слушнале и две силни експлозии.
Според Хабертурк, во судирите во Истанбул загинале најмалку шест лица.
Западните медиуми јавија и за силна експлозија на истанбулскиот аеродром „Ататурк“.
Телевизијата Си-Ен-Ен Турк објави дека обидот за воен удар во Турција го извеле воен обвинител и 46 високи офицери на турската Армија. Според телевизијата, во Истанбул се идентификувани вкупно 104 учесници во воениот удар.
Кризата во Турција започна синоќа кога група армиски офицери објавија дека ја презеле власта во земјата со цел „да се зачува демократскиот поредок и почитувањето на човековите права“.
Во нивното соопштение испратрено по електронска пошта до медиумите се наведуваше дека власта во земјата ја презел „Мировен совет“, чиј приоритет ќе биде почитување на владеењето на правото и задржување на сите надворешни односи на Турција.