Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, објави дека еден од тројцата вооружени српски напаѓачи, убиени во неделата во акцијата на косовската полиција во Бањска кaj Звечанe, е телохранител на шефот на Агенцијата за разузнавање во Србија (БИА), Александар Вулин.
Свечља на Фејсбук објави слика од убиениот Бојан Мијаиловиќ, за кого тврди дека како телохранител го придружувал Вулин за време на неговата посета на Косово во 2013 година, како тогашен министер за внатрешни работи.
„ Вчера преку видео снимки го докажавме присуството на веле-криминалецот и водач на терористичката акција, Милан Радојичиќ. Во меѓувреме, денеска е потврдено дека еден од убиените, кој исто така бил учесник во тој чин, е Бојан Мијаиловиќ, телохранителот на шефот на српската БИА, Александар Вулин, при неговата посета на Република Косово во 2013 година, напиша Свечља.
Тој вели дека фактите за неделниот напад во северно Косово, во кој беше убиен припадникот на косовската полиција, Африм Буњаку, се доказ оти намерите на Србија кон Косово не се сменети од времето на поранешниот српски лидер, Слободан Милошевиќ“, напиша Свечља.
Според косовскиот министер за внатрешни, Србија како држава е целосно вклучена во нападот против Косово.