Топката е на теренот на соседите да го направат решителниот чекор кон решение, а ние чекаме, вели портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос во интевју за грчката телевизија „Контра“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, тој не сакаше да предвиди кога би се остварил телефонскиот разговор меѓу Зоран Заев и Алексис Ципрас и уште еднаш го повтори неговиот став дека „ништо не е договорено, ако не се договори сѐ“.
– Она што го очекуваме е политичкото раководство на поранешната југословенска Република Македонија да го направи решителниот чекор за конечно да отидеме напред кон заемно прифатливо решение кон кое чини дека се стремат и двете земји. Господинот Заев ќе треба да заврши со неопходните политички активности во внатрешноста на неговата земја и тоа е она што го очекуваме, вели Ѕанакопулос во интервјуто.