Драшко Станивуковиќ (26) е српски студент по економија, политичар и пратеник во Народното собрание на Република Српска.
Уште на само 18 години, младиот Драшко ја започнува својата политичка кариера во Партијата на демократскиот прогрес (ПДП).
Во 2014 година како најмлад кандидат на изборите за пратеник освојува околу две илјади гласови кој не биле доволни за да се добие мандатот.
Во 2016 година, освојувајќи ги потребните гласови станува најмладиот советник во Собранието на градот Бања Лука.
На општите избори спроведени во 2018 година се кандидира за пратеник во Народното собрание на Република Српска и со 19,965 гласови успева да го добие посакуваниот мандат.
Како активист го основа младинското здружение „Биди различен“ со кој им помага на младата популација, но и на сите други на кои им е потребна помош.
Неговата цел и мотив во политиката како вели тој, не се парите, ниту власта бидејќи тој потекнува од богато семејство.
Драшко е најмногу познат по неговото прво јавно излегување во кое тој се откажа од неговите пратенички примања од 1000 марки месечно за тие средства да бидат распределени на оние кои им е најпотребно.
Воглавно, најмладиот политичар средствата ги прераспределува на учениците и студентите кои се во тешка финансиска состојба.
Честопати тој на своите поддржувачи им повторува дека нема да ги изневери, напротив тој ќе остане најпосветениот „слуга на народот“.
Според информациите објавени на неговата страна, тој за една година успеал да спроведе 11 петиции, поставил повеќе од 50 прашања, покренал иницијативи за уредување на училиштата и други објекти кои се во интерес на младите, собрал средства за градење на детско игралиште во неговиот град како и успешно реализирал преку 30 иницијативи.
„Немојте да кажете дека треба да бидеме посебно храбри, за мене тоа е најлошо кога некој ќе ми каже дека јас сум храбар, каква храброст сум јас, јас сум само еден обичен млад човек кој сака да живее слободно и да говори слободно“, ќе каже тој за себе.