Додик го навреди амбасадорот на САД: Станува збор за еден лигавец

Од:

Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, денеска повторно го навреди американскиот амбасадор во БиХ, нарекувајќи го „лигав“, но во исто време ја ублажи својата сецесионистичка реторика, велејќи дека сега бара начин како Република Српска да биде независна „во рамките на БиХ“.

Додик беше многу лут поради фактот што американскиот амбасадор Мајкл Марфи заедно со неговиот колега од Белград Кристофер Хил во средата се сретнаа со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Српскиот претседател на тој начин ги спречи напорите на Додик да го исклучи Марфи од контактите со српските политичари, на кои тој му замерува поради наводното мешање во внатрешните работи на БиХ. Марфи во неколку наврати остро ги критикуваше заканите на Додик за отцепување од РС, предупредувајќи го дека конкретните чекори во таа насока нема да поминат без одговор од САД. Поради ова Додик им забранил на сите функционери од РС да се сретнат со американскиот амбасадор.

Информација за „продуктивната средба“ со Вучиќ и Марфи во Белград, која е невообичаена во дипломатската пракса, ја објави Хил на Твитер.

„Сите се согласивме за важноста на поддршката на суверенитетот, територијалниот интегритет, мултиетничкиот карактер и функционалните институции на државно ниво на Босна и Херцеговина“, напиша американскиот амбасадор во Србија.

Коментирајќи ја таа средба, Додик денеска пред новинарите во Бања Лука застана во одбрана на Вучиќ, нарекувајќи го одговорен државник, но го нападна Марфи, тврдејќи дека со одење во Белград се обидува да ја прекине блокадата што му ја наметна Република Српска.

„Не се работи за спор меѓу РС и Србија. Станува збор за еден лигавец наречен амбасадор на САД Марфи“, рече Додик.

Тој, исто така, смета дека Марфи и британскиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Џулијан Рајли, само за инает на РС, ги убедиле лидерите на бошњачките и граѓанските партии во среда да потпишат заедничка изјава во која повикуваат на зачувување на статусот на државен имот како сопственост на Босна и Херцеговина, а не на ентитетите. За петок закажа средба со претставниците на политичките партии од РС на која ќе се разговара токму за ова прашање кое претходно го означи како црвена линија поради која РС може да се отцепи од Босна и Херцеговина, но сега значително ја ублажи таа закана.

„Ќе понудам документ кој во суштина ќе доведе до обединување на сите политички партии во РС околу потребниот степен на независност на РС во рамките на БиХ“, рече Додик.

Би можело да ве интересира

Почина жената која беше ранета во оружен инцидент во Мостар

Жена е тешко ранета во оружен инцидент во Мостар

Земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина

(ВИДЕО) Голема полициска акција на полицијата во Босанска Крупа

Горан Наумовски

Малолетник со нож упаднал во полициска станица во Босанска Крупа: Убил еден полицаец, а друг тешко ранил

Претседателството на БиХ добило дојава за поставена бомба

Горан Наумовски