Дејтонски договор 26 години подоцна , БиХ е во најголемата криза по 1995 година

Од:

По 26 години од потпишувањето на Дејтонскиот договор кои се навршуват денеска, Босна и Херцеговина е во една од најголемите политички и безбедносни кризи од 1995 година, откако членот на државното претседателство и де факто лидер на Република Српска, Милорад Додик најави дека ќе го повлече субјектот од уставниот и правниот поредок на БиХ. Според него субјектот ќе ги преземе одговорностите од државата како како судството, собирањето индиректни даноци, па дури и армијата, а процесот што тој го нарекува враќање на надлежностите што претходно ги презеде државата БиХ од ентитетите во петокот беше поддржан со мнозинство гласови во парламентот на ентитетот.

Владата на Република Српска доби шест месеци рок да подготви закони за замена на државните закони на ентитетот, кои многу западни земји, вклучително и високиот претставник на меѓународната заедница за БиХ, Кристијан Шмит, ги опишаа како закана за Дејтонскиот мировен договор.

По тој потег, се погласни се изјавите за санкции против Додик бидејќи распад на БиХ е неприфатлив.Шатл дипломатијата тогаш резултираше со Дејтонскиот договор, а во изминатите денови повторно дипломатијата е погонско гориво за зачувување на мирот.

Новата шефица на германската дипломатија Аналена Бербок вчера побара ЕУ да воведе санкции за Додик, поради неговите активности во отцепувањето на Република Српска. Бербок, која првпат учествуваше на состанокот на шефовите на дипломатиите на членките на Унијата, рече дека „напорите (на босанските Срби) за распад на БиХ се неприфатливи“. По состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, Бербок за новинарите во Брисел изјави дека ситуацијата во БиХ е загрижувачка и дека лобира постојниот режим на санкции да се користи и против Додик.

Демократскиот сенатор Крис Марфи од Конектикат во изјава за Ал Џазира Балканс зборуваше за моменталната ситуација и кризата во Босна и Херцеговина, повикувајќи ги САД посилно да се ангажираат во таа земја.

„Сите очи моментално се вперени во Украина, но друга криза е близу. Ве молиме прочитајте ја оваа кратка тема за заканата за мирот на Балканот од засилената сепаратистичка реторика на босанските Срби“, напиша Марфи на Твитер, додавајќи дека сака да објасни зошто е тоа важно.
„Распадот на Босна лесно може да доведе до враќање на војната на Балканот. Ова би било катастрофа и време е САД да се вклучат повеќе“, наведе Марфи.

Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, ги осуди актите усвоени од Националното собрание на ентитетот на Република Српска во петокот и ги оквалификува како кршење на Дејтонскиот мировен договор.

„Најостро ги осудувам актите усвоени од Народното собрание на Република Српска во петок, 10 декември 2021 година. Усвоените заклучоци ги обврзуваат властите на РС да преземат конкретни законодавни и други активности кои би го прекршиле Општиот рамковен договор за мир. Радикалните политички активности и реторика од изминатите неколку дена се закана за стабилноста во Босна и Херцеговина и ги поткопуваат перспективите на сите граѓани, вклучително и на граѓаните на Република Српска“, се вели во соопштението објавено од Канцеларијата на високиот претставник во БиХ.

„Повикувам на целосно почитување на Општиот рамковен договор за мир. Сите страни мора да дејствуваат во оваа рамка за да донесат легитимни одлуки во духот на компромисот. Граѓаните на Босна и Херцеговина сакаат мирна и просперитетна иднина. Подготвен сум да придонесам за таа цел на решителен и одговорен начин. Дијалогот има предност пред која било друга форма на дејствување“.

Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман изрази сомневање дека ќе се постигне консензус во ЕУ за воведување санкции кон Додик.

„Хрватска е посветена на дијалогот, во наш интерес е да инсистираме на дијалог. Треба да ги убедиме сите лидери дека е неопходно да се набљудува и да се доживува Босна и Херцеговина како суверена и целосна земја и дека нема простор за никаков сепаратизам“, рече Грлиќ Радман.

Тој изјави дека на вчерашната средба „никој не инсистирал на санкции во некој мнозински формат, во смисла дека сите земји се согласиле“.

„Тоа беше повеќе испитување на теренот, мислењата и расположенијата на земјите-членки“, рече Грлиќ Радман.

Турскиот министер за надворешни работи Мелвут Чавушоглу го опиша гласањето за трансферот на надлежностите од Босна и Херцеговина во Народното собрание на Република Српска како „погрешно и опасно“ и додаде дека овој потег „ја загрозува регионалната стабилност“.

„Стабилното опкружување кое трае 30 години на Балканот е под сериозен ризик. Одлуката донесена од парламентот на ентитетот на Република Српска е погрешна, опасна и неуставна“, рече Чавушоглу пред турскиот парламент.

Идејата за воведување санкции на Додик има поддршка меѓу членките на ЕУ, но на неа се спротивставуваат Унгарија и Словенија, а за таква одлука е потребна едногласност.

САД претходно воведоа санкции за Додик, вклучително и забрана за влез во земјата и замрзнување имот, и се заканија дека ќе ги прошират санкциите доколку Србите во БиХ продолжат да ги слабеат централните државни институции.

Во петокот, Парламентот на Република Српска усвои Декларација за уставни принципи и заклучоци во врска со враќањето на надлежностите на ентитетот, претходно пренесени на ниво на Босна и Херцеговина. Во декларацијата се предвидува дека Владата во соработка со претседателот на ентитетот ќе го подготви текстот на уставот на Република Српска со кој ќе се потврдат сите надлежности на тој ентитет, освен оние кои според Уставот на БиХ и припаѓаат на таа држава.

Додик, по повод повикот и заканата со санкции и укинување на инвестициите, рече дека РС ќе преземе контрамерки.

„Ако Германија воведе санкции, ние ќе возвратиме. Не сум слеп да не знам што се Америка и Германија. Но, мојата порака е – претерано реагиравте. Направивте се за да ја замразиме БиХ, а ние никогаш не ја сакавме“, рече Додик. Тој ги отфрли обвинувањата дека граѓаните или целата Република Српска може да бидат во неволја, додавајќи дека не е загрижен.

Специјалниот британски пратеник за Западен Балкан, Стјуарт Пич, денеска ќе ја посети Босна и Херцеговина, каде ќе се сретне со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина. Се очекува тој да разговара и со други високи функционери. Премиерот Борис Џонсон рече дека Пич во Босна и Херцеговина ќе продолжи да го поддржува високиот претставник Кристијан Шмит, за кого рече дека има целосна поддршка од Лондон. Посетата на Пич е една од серијата посети на странски официјални претставници за посредување во клучните политички прашања во Босна и Херцеговина.

Шефот на делегацијата на Европскиот парламент за соработка со БиХ, Ромео Франц нагласи дека вва не е етничка криза, туку безбедносна криза произведена од самопрогласените етно-национални лидери во БиХ. Тие го одвлекуваат вниманието од реалните проблеми и приоритети на граѓаните.
„Државата се соочува со безбедносна криза. Имаме трауматизирано население кое се соочува со ретрауматизација поради заканите и злосторствата на Милорад Додик како што е негирањето на геноцидот. Стравовите на населението мора да се сфатат сериозно и да се реагира на вистински начин. Политиката на смирување кога зборуваме за етнонационални лидери е неуспешна и мора да престане. Меѓународната заедница мора јасно да ги именува одговорните за кризата, а итно се потребни санкции против сите оние кои го загрозуваат мирот и стабилноста и го поткопуваат Дејтонскиот мировен договор“.

Поминаа 26 години откако поранешните лидери на таа земја, Хрватска и Србија – Алија Изетбеговиќ, Фрањо Туѓман и Слободан Милошевиќ, во Париз официјално го потпишаа Општиот рамковен договор за мир во Босна и Херцеговина, попознат како Дејтонски договор. Со тој договор заврши војната во Босна и Херцеговина, а беше дефинирана и поделбата на државата според клучот – 51 отсто од територијата и припаѓаше на Федерацијата БиХ, а 49 отсто на РС. Предвидено е и формирање на округот Брчко, што беше договорено од контакт групата.

Мировниот договор ја специфицира уставната и правната организација на Босна и Херцеговина како сложена држава, составена од два ентитета и три конститутивни народи. Главен орган во толкувањето на договорот е Канцеларијата на високиот претставник во таа земја.

Би можело да ве интересира

Шмит: Не сум приврзаник за Дејтон два

Ескобар: Дејтонскиот договор е патоказ кон европската интеграција на БиХ

Ана Ололовска

Инцко: Дејтонскиот договор не предвидува мирно раздвојување во БиХ

Ана Ололовска

Бајден: Дејтонскиот договор донесе мир, но работата не е целосно завршена

Жарко Настоски

25 Години од потпишувањето на Дејтонскиот договор

Инцко: Дејтон се политизира, пораките на негирање доаѓаат од Република Српска

Ана Ололовска