Синот на српскиот генерал Ратко Младиќ во интервју за српски „Телеграф“ вели дека ако неговиот татко биде осуден тоа ќе биде голема штета и дека Хрватска дала милиони за одбраната на своите генерали, а Србија не дала ниту динар. Дарко Младиќ во интервјуто истакнува дека сеуште има надеж дека неговиот татко ќе биде пуштен на слобода,исто како што тоа се случи и со хрватските генерали Готовина и Маркач.
– Ако татко ми биде осуден сите ќе претрпиме голема штета. Се надевам дека конечно државниот врв на Србија ќе увиди дека досегашната стратегија на Хашкиот трибунал не е добра, за што говорат и најновите пресуди. Тој смета дека не се брани само неговиот татко, туку дека станува збор за одбрана на две српски држави, Србија и Република Српска.
На прашањето дали се обиделе да го објаснат сето тоа на државниот врв, Младиќ вели дека се обидел, но дека никој не го слуша. Вели дека барал прием и кај претседателот и премиерот, но никој не го исконтактирал.
– Јас би бил радосен ако Србија и Република Српска заедно работат на решавање на овој проблем. Ќе биде доцна кога ќе биде прогласен геноцид, вели Дарко.
– Јас сè уште се надевам и сметам дека има време и ништо не е изгубено. Ако успеа Хрватска, зошто да не успееме и ние. Ако Хрватска успеа да го убеди судот дека 250.000 лица заминаа од нивната земја без никаква причина и притисок, зошто ние да имаме проблем?
На прашањето што Ратко Младиќ вели за ослободувањето на Готовина и Маркач, Дарко вели дека иако секојдневносе слуша со својот татко, сепак, не може да го пренесе неговото мислење. Немам право во јавноста да кажам за него што мисли, вели синот на Младиќ.