Дали Гаврило Принцип и денес би пукал?

Од:

Дојче Веле – Бон

Генезата на Големата војна најмногу зборува за несовршенството на човековата природа. Чудовишната војна се роди од апсурдна низа настани, од победа на ирационалноста над разумот.

Дали младиот Србин Гаврило Принцип би се осудил во Сараево да го убие наследникот на австроунгарскиот престол ако знаел дека исходот од неговото дело ќе биде светска војна во која загинаа повеќе од десет милиони војници и 15 милиони цивили?

Тешко.

На крајот, 19-годишниот националист, кој како да излегол од литературна лабораторија на Достоевски, ја оствари својата цел. На крајот од Првата светска војна Србија имаше државност, а Австроунгарската Империја престана да постои заедно со три други – руската, германската и османската. Со толку голема цел, студент тешко би се откажал од своето дело, иако не стигна да го види триумфот на Србија – почина во затвор пролетта 1918.

Есента таа година донесе победа за членките на Антантата. Потпишувањето на примирјето со германските сојузници почна во септември и заврши во ноември со капитулација на Германија. Притоа, од историска перспектива, бесмислено е да се каже дека победата донесе траен мир. Дивиот оган на војната стана придушен пламен на германската желба за одмазда.

Причината, како што е познато е Версајскиот договор од 1919. Германија е фрлена на колена. И онака разурната земја дополнително беше удирана со анексии, репарации и разни намалувања на воената моќ.

Сепак ако може да се суди според Брест-литовскиот мир (израз на Ленин), кој Советска Русија го потпиша со Германија на почетокот 1918, ниту Германија во случај на победа не би постапувала поинаку со земјите од Антантата. Во секој случај не е најден разумен, стратешки начин, да се заврши војната затоа што никој не ни барал такво нешто.

Во таа војна имаше премногу ужаси и беше целосно поинаква од претходните. Јуришни коњаници, митралези, воена авијација, подморници, мини, боени отрови – сето тоа од војната создаде нечовечна машина за мелење месо со апокалиптични димензии.

По Бел епохата на почетокот од 20-то век, по Сребреното доба на уметноста и литературата, цивилизираниот свет влегувајќи во војна подиве преку ноќ. Човечкиот живот непоимливо поевтини, цивилното население на завојуваните страни стана заложник на смртта.

Главниот резултат од Првата светска војна беше раѓањето и агресивниот развој на два паралелни тоталитарни режими, близнаци по репресивната суровост. Режимите на нацистичка Германија и сталинистичката утопија некои ги чекаа како сон, а беа ѓаволски кошмар со епилог во крваво безумие.

Формално пироман на војната беше српски терорист, но вистинските виновници за светската кланица всушност беа три роднини – европските монархии, Русија, Германија и Велика Британија. Тие не трагаа по мирно решение на конфликтот, барем не во меѓусебни писма и телеграми гарнирани со додворување.

Генезата на Првата светска војна повеќе зборува за несовршенството на човековата природа отколку за поделеноста на светот, империјализмот и класниот патриотизам. Без разлика какви економски цели ќе си зацртаа завојуваните страни, военото уништување сите нивни сметки ги сведе на нула. Чудовишната војна се роди од случајност, од апсурдна низа настани, покажувајќи победа на ирационалноста над човековиот разум.

Би можело да се помисли дека војната можеше да биде спречена во страв од ужасот со светски размери кој се закануваше, но господарите на светот се покажаа самовљубени, амбициозни, алчни медиокритети кои својата гордост ја ценеа повеќе од сите луѓе на фронтот. Не е случајност што по војната никна литература на „изгубената генерација“ во дела пред се, на Хемингвеј и Ремарк.

На крајот може да се каже дека себичните интереси на империите и класниот патриотизам не сведочат баш за големината на човечкиот дух. Тоа е точно, но во коренот на се е агресивниот инстикт на владетелите кои дале знак војната да почне.

Искуството од Првата светска војна не учи дека војната – па и толку голема, светска – секогаш ние поблиску, отколку што изгледа. Таа може да почне туку-така со трагични случајности, но станува реалност откако шефовите на државите ќе затропаат со оружје.

Со поразот во Студената војна и намалување на територијата во однос на Советкиот Сојуз, за чиј наследник се смета, Русија би се рекло дека се наоѓа во истата навредена состојба како и Германија во 1918 година. Но, постои разлика не само меѓу двете земји, туку и меѓу дете епохи. Човештвото со мака ја преживеа Втората светска војна како логичен продолжеток на Првата, а денес навреденоста на државите може да ги чини животите на сите луѓе на Планетата.

Верувам дека денес дури и очајниот студент Гаврило Принцип би се замислил на целта, средствата и, пред се, над исходот.

Автор: Виктор Јерофеев

Јерофеев е роден во 1947 во Москва. Тој е автор на книги како „Живот со идиот“ (1991), „Страшниот суд“ (1994), „Руска убавица“ (1996), „Пет реки на животот“ (1998), „Енциклопедија на руската душа“ (1999), „Добриот Сталин“ (2004) итн. Редовно пишува колумни за Дојче Веле.

Би можело да ве интересира

Снег паѓа во северозападна Хрватска

Нов пограничен инцидент помеѓу Косово и Србија

11 уапсени за трагедијата во Нови Сад, приведен и Горан Весиќ

Катерина Ѓуровски

Во Србија уапсен двојниот убиец од Црна Гора: „Фатен е на спиење“

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Во Србија снегот направи големи проблеми: „Прст пред око не се гледа“

Пленковиќ: Претседателските избори на 29 декември

А1он