Дали Белград останува без втората престолнина?

Од:

Србија до сега важеше за држава која лесно може да премине и на руска и на европска страна. Дали тоа се промени со откажувањето од Јужен тек?

Откажувањето на Русија од Јужен поток не го загрижи само српскиот енергетски сектор туку и творците на надворешната политика на Белград, кои мора да одлучат далу чукна час за геополитички пресврт. Едни сметаат дека сосема треба да се свртат кон ЕУ, други велат дека ништо нема да се промени во односите со Русија.

Судејќи според реакцијата на потпретседателката на Владата на Србија Зорана Михајловиќ, официјални Белград и Москва ќе продолжат по старо. Прашана дали нешто се менува во политичките односи меѓу Србија и Русија, Михајловиќ за Политика вели: – Не воведуваме никакви санкции. Ние сме мост на поврзување, а не камен за сопнување меѓу Русија и ЕУ.

Состојбата е нејасна и во ЕУ, каде до неодамна тврдеа дека постои загриженост дека Србија ќе се сврти кон Русија и дека за тоа треба да се посвети најголемо внимание. Дали Белград ја губи позицијата на свинг држава на Западен Балкан?

Политика пред половина година ги цитираше германските и европските политичари и влијателни аналитичари кои тврдеа дека Србија е држава која лесно може да се сврти и на руска и на европска страна и затоа Брисел мора да се концентрира на приемот на Србија во ЕУ. Истите експерти тогаш ја потенцираа и следната паралела: – Ако Бугарија не влезеше во ЕУ прерано, денес би била како Србија – меѓу Европа и Русија.

Што се менува сега? 

На Брисел и понатаму му е важно секоја земја кандидат да ја придобие за дипломатска војна против Кремљ и сега од таа страна треба да се очекува уште поголем притисок.

Скорашната изјава на претседателот на Русија Владимир Путин за прекин на проектот Јужен поток, беше студен туш за Белград, а сега може да следи и еден од Брисел со прашањето: зошто сега не ја поддржите европската политика кон Москва?

Меѓутоа, Јосип Јуратовиќ, пратеник на Социјалдемократската партија во Германија во Бундестагот, вели за Политика дека таков притисок на Белград нема да има, бидејќи сите тие се свесни дека Србија не може на Русија да и воведе санкции на начин на кој тоа го направија земјите на ЕУ или некои други земји кандидати.

– Позицијата на Србија во ЕУ нема да се менува, бидејќи Србија и со Јужен тек и без него е важна земја во регионот. Од неа зависи стабилноста на Западен Балкан, а со тоа и на Европа. Таа треба да ги исполни критериумите и што побрзо да влезе во ЕУ и мислам дека би било сосема неразбирливо да се отежнува српскиот влез во ЕУ со некои дополнителни критериуми – додаде Јуратовиќ, член на партија која владее во коалиција со демохристијаните на Ангела Меркел.

Како што објаснува Бодо Вебер, експерт за Балканот од германскиот Совет за политичка демократизација, за Германија откажувањето од Јужен поток е добра вест за односите меѓу Србија и ЕУ:

– Тој проект создаваше економска зависност на Србија од Русија, а тоа значи и доминантно руско политичко влијание во Србија, што на ЕУ создаваше дилеми околу српската надворешна политика. Сега тоа е решено. Мислам дека премиерот Александар Вучиќ во август ја убеди Меркел дека Србија се стреми кон членство во ЕУ и тука повеќе нема дилеми – оценува Вебер.

И покрај сојузништвото на Србија и Русија и воената парада на која присуствуваше Путин, Белград никогаш не се откажуваше од целта да влезе во ЕУ. Според истражувањето на јавното мнение, над половина граѓани на Србија се за приклучување на Европската унија.

Филип Ејдус, доцент на Факултетот за политички науки и заговорник за влез на Србија во НАТО, оценува дека веста за Јужен тек претставува последно ѕвоно за аларм, Србија конечно да се сврти кон Европа и Западот, каде припаѓа не само географски и геополитички, туку и вредносно.

– Граѓаните којзнае по кој пат ќе мора да платат висока цена од катастрофалната политика на балансирањето меѓу Истокот и Западот, а тие кои во нивно име направија сметка, по обичај ќе се прават луди – вели Ејдус за Политика.

Слично размислуваат и во Центарот за евроатлантски студии на Јелена Милиќ. Тие со насловот на своето соопштение: По падот на Јужен поток – право кон Запад, ја искажаа суштината на својот став. Според нив, ова е клучен момент Србија да излезе од руската прегратка, а првиот чекор на Србија треба да биде приклучување кон санкциите на ЕУ за Русија.

Атлантистите во Србија едвај дочекаа да кажат дека ова е идеална прилика да се свртиме кон НАТО и ЕУ, но тоа би била катастрофа за Србија – вели Драган Петровиќ, виш научен соработник на белградскиот Институт за меѓународна политика и стопанство. Впрочем, додава тој, ни ЕУ нема да го промени ставот кон Србија поради блискоста со Москва, бидејќи на европските земји им треба економска соработка со Русија и руските енергенти.

Имено, Петровиќ смета дека одлуката за Јужен тек нема да донесе промени во надворешната политика на Белград, која тој ја опишува како балансирана и одмерена. – Ништо не се промени во рускиот однос кон нас бидејќи Србија е руски геополитички приоритет на Балканот и Русите се многу пријателски расположени кон нас.

Додека Њујорк тајмс последните настани ги опишува како голем дипломатски пораз на Путин во обид да воспостави руско влијание во југоисточна Европа, Петровиќ вели дека сите губат од предвид дека Русија воопшто не го изгубила влијанието во регионот.

– Како прво, Путин воопшто сосема не се откажа од Јужен тек. Она што треба да се знае е дека Русија го потврди Синиот тек, кој ќе пренесува гас од Русија во Турција, како и изградбата на гасоводот до Грција, што значи дека таа и понатаму ќе остварува големо влијание во регионот – додава Петровиќ.

На ова се надоврзува и Александар Митиќ, претседател на Центарот за стратешка алтернатива, наведувајќи дека Москва со договор со Анкара направи маневар кој ќе ја зајакне улогата на Турција во регионот и на евроазискиот простор.

– На Русија и треба Турција како конструктивен играч, иако е тешко да се каже како близок сојузник и на Црното море и на Медитеранот и на Кавказ и во Сирија и на Балканот. Од друга страна, поблиските врски на Русија и Турција ќе ја намали геополитичката улога на САД и посебно на ЕУ, која на крајот на краиштата ќе биде најголем губитник на новонастанатата состојба – оцени Митиќ, додавајќи дека нема никакви дилеми дека Русија ќе продолжи да го шири своето влијание на Белград, посебно во Србија и во Република Српска.

Митиќ смета дека не постои никаква назнака дека Србија ќе го изгуби во Русија моќниот сојузник на светската политичка сцена. Тој оценува дека со торпедирањето на проектот Јужен поток, Западот на Србија и зарил геополитички и економски нож во грбот. Веќе шест години, додава тој, спрегата на Вашингтон, Брисел и дел од власта во Белград многу работеа да попречат на изградбата на проектот кој на Србија можеше многу да ја подобри и така очајната геополитичка позиција.

Политика – Белград

 

Би можело да ве интересира

Американец кој се борел како платеник за Украина е осуден на 6 години затвор

Потпишан Меморандум за соработка во полето на гасниот сектор со Србија

Пратениците на Левица остварија средба во Собранието со рускиот амбасадор Баздникин

Ќе биде сместен во стаклена, затемнета “кутија“, вака ќе изгледа сведочењето на момчето убиец

(ВИДЕО) Тешка сообраќајна несреќа во Србија: загина тинејџер, 36 повредени

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Блиска средба: Ф-16 испратен да пресретне руски Су-35 на Алјаска