На вториот ден од состанокот на српскиот и косовскиот премиер Ивица Дачиќ и Хашим Тачи со шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон тема се судовите во северниот дел на Косово и офицерите за врска, јави Танјуг.
– Се што можам да кажам е дека разговорите се во тек, изјави портпаролот на Ештон, Маја Коцијанчиќ, додавајќи дека ќе има нови рунди од дијалогот доколку денеска не биде постигнат значителен напредок.
– Дијалогот ќе се води се додека има отворени прашања, посочи Коцијанчиќ.
Српската новинска агенција повикувајќи се на бриселски дипломатски извори објави дека на вчерашните разговори доминирала темата на Основниот суд во Северна Митровица, кој е под патронат на ЕУЛЕКС, а во рамките на косовското правосудство. Тој суд не функционира веќе пет години бидејќи локалното население не дозволува судиите и обвинителите да влезат во зградата.
– Постигнат е одреден напредок,, но се уште ништо не е договорено, изјави неименуван бриселски дипломат, додавајќи дека за денеска е предвидено да се разговара за размена на офицери за врска меѓу Белград и Приштина.