Агенцијата за лекови и медицински помагала (АЛИМС) издаде лиценца за употреба на три вакцини во Србија – Фајзер/Бионтек „Спутник V“ и кинеската вакцина произведена од компанијата „Синофарм“.
Првиот контингент вакцини „Синофарм“ пристигна во Србија на 16 јануари. Тоа е вакцина која работи на принципот на мртва честичка на вирусот корона.
Нејзината ефикасност, според најновите истражувања, е помеѓу 80 и 86 проценти. За разлика од другите вакцини против Ковид-19, кинеската вакцина „Синофарм“ е направена од самиот коронавирус, поточно од различни варијанти земени од пациенти од кинески болници. Оваа вакцина „го учи“ имунолошкиот систем да создава антитела против вирусот изложувајќи го телото на мртвите делови на вирусот, така што не постои ризик од сериозен одговор од телото.
Вакцината „Синофарм“ се дава во две дози во рок од 28 дена, а студиите покажаа дека успешно активира одговор на имунолошкиот систем кај 99 проценти од пациентите, без сериозни несакани ефекти.
Српскиот виден виролог д-р Ана Глигиќ, исто така, се изјасни позитивно за кинеската вакцина „Синофарм“.
– Кинеската вакцина е направена од целиот вирус – вели д-р Глигиќ за српски Телеграф.
– Но, Кинезите веќе вакцинираа голем број луѓе со вакцината „СиноВак“, што беше направена на носач како рускиот „Спутник V“ и како оксфордската. Сепак, сега, поради евидентната мутација на вирусот, Кинезите направија вакцина „Синофарм“, која е од целиот вирус, и која ќе заштити од мутации.
Д-р Глигиќ објаснува дека кога се користи вакцина која има „парче“ од вирусот, тогаш има заштита само од тоа парче.
– Русите исто така развија ваква вакцина. Сега имате и „мртва вакцина“ и вакцина на носач. Од самиот почеток, јас бев поддржувач на класичните вакцини кои, прво, даваат добра заштита, и второ, имунитетот трае долго време. Оваа вакцина штити не само од вирусот што напаѓа, туку и од други корони бидејќи е направена од целиот вирус – посочува лекарот.
Таа објасни дека „мртвата вакцина“ е многу полесна за правење, но дека за т.н. жива, ослабена вакцина што може да обезбеди животна заштита, потребни се години, бидејќи е потребно систематско и детално истражување на бремени жени, деца и ранливи групи.